Скопје Прајд: „Вашето присуство е најсилна поддршка“

Денеска во Скопје се одржува првата Парада на гордост во државата. Настанот, како што велат организаторите, е протестен марш, кој има за цел да го сврти вниманието на јавноста кон нееднаквоста со која живеат ЛГБТИ луѓето во земјата.

„Поради стигмата, неприфаќањето и насилството со кое ЛГБТИ заедницата секојдневно се соочува, вашето присуство ќе претставува највидливата и најсилната поддршка која може да ја дадете“, стои во најавата за настанот.

Парадата ќе започне од Жена-борец, а ќе се маршира до Градски парк каде ќе има обраќања на активисти и претставници на граѓански организации и институции, по што следува забава.

Влезната точка за учесниците на Скопје Прајд ќе биде лоцирана во Паркот Жена Борец, од страната на Порта Македонија.

„Со цел да се обезбеди непречен влез во предвидената рута, инсистираме да не се носат стаклени и остри предмети, пиротехника и балони. Во спротивно, истите ќе бидат одземени од страна на обезбедувањето“, посочуваат организаторите.

За повеќе информации околу текот на Парадата, следете го Инстаграм профилот на Радио МОФ.