„Скопје постер фестивал“ се приклучува на глобалното дизајнерско движење за Ковид-19

Во склоп на овогодинешното 13-то издание на „Скопје постер фестивал“, во галеријата на МКЦ од 16 до 26 ноември ќе биде поставена изложбата на плакари од 75 светски дизајнери, од 56 земји од целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија.

ПЛАКАРТ е еден од организаторите потткнувачи на создавањето на глобална мрежа на дизајн асоцијации и здруженија, кои имаат за цел да инспирираат движење за поддршка во борбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и сите предизвици поврзани со неа.

„Целата иницијатива се реализира во сорботка со ‘Poster Тerritory’ од Калифорнија, Чешката асоцијација за графички дизајн, Московското биенале и реномираниот дизајнер Мирко Илиќ од Њујорк – познат на нашата публика како еден од најинспиративните дизајнери и стрип уметници од бивша Југославија. Исто така ќе бидат претставени и студентски плакати кои се приклучија на повикот на нашата иницијатива и секако заеднички ќе дадеме допринос во ширењето на мисијата и гласот на уметникот“, се вели во најавата на изложбата.

Дел од дизајнерите кои ќе бидат застапени се: Јоси Лемел (Израел), Мирко Илиќ (Љу Јорк), Хавиер Борбола (Куба), Адек Сапутра (Индонезија), Петре Поч (Унгарија), Тирсо Цезар (Италија), Кристофер Скот (Еквадор), Луис Ривера (Бразил), Ерин Брајт (САД), Роберт Јанг (Велика Британија), Небојша Гелевски и Лазе Трипков (Македонија), Хитоши Мјура (Јапонија) и др.

Согласно препораките на Комисијата за здравство и Министерството за здравство, посебен термин за отворање нема да има, а сите заинтересирани ќе можат да ја посетат согласно препораките за почитување на мерките од Ковид-19 во период од 10 до 20 часот секој ден.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.