„Скопје не е Дизниленд“ – протест против панорамското тркало во четврток

„Скопје не е Дизниленд“ е насловен протестот кој се организира преку Фејсбук и е најавен за во четврток, на 20 август на кејот на Вардар, каде што треба да се гради новото панорамско тркало.

Повикот се однесува на сите граѓани кои сметаат дека народните пари непотребно се трошат, а притоа се грди изгледот на метрополата.

„Драги сограѓани, ве повикуваме на мирен протест и граѓанско собрание во 18 часот, четврток 20-ти август 2015, на мостот каде треба да почне изградбата на панорамско тркало. Во четврток сакаме да им порачаме на одговорните дека СКОПЈЕ НЕ Е ДИЗНИЛЕНД и ова лудило МОРА да сопре.

Продолжуваат да се градат контроверзни зданија и споменици без соодветна јавна дебата и консултација со жителите на овој град.

Ние не сакаме нашите поколенија да отплаќаат долгови со непоимливи камати за оваа естетска и политичка катастрофа.

Кога во градот имаме над 30 проценти невработеност, незадоволителна инфрастуктура и илјадници луѓе на минимална плата од 8.000 денари кои немаат доволно ни да си ги прехранат фамилиите, на Скопје не му требаат нови долгови и идеолошки Дизниленд.

На Скопје му треба модерна инфрастуктура и прогресивни идеи за развој на економијата и соживот.

Придружете ни се на граѓанско собрание за да започнеме разговор за излез од овој као-антички, квази-барок, скопско-дизни кошмар!

За да покажеме што чувствуваме за се што е изградено од шмизлите па навака ќе носиме маски и костими. Индијанци, каубојци, кловнови, дизни карактери и карикатури, придружете ни се!“, се наведува во повикот.

Панорамското тркало ќе се гради помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје,  ќе има дијаметар од 57 метри, со 30 кабини во форма на гондоли и носивост од 750 килограми. За неговата изведба се предвидени над 18 милиони евра.