Скопје најмалку иновативен град во Европа во 2015 година

Лондон, Виена и Бостон се најиновативните градови во 2015 година, покажува најновото рангирање на 2thinknow, најголемата светска листа за класификација на градови. Во листата за европски градови, Скопје се најде на последното место, или на 431 позиција, заедно со руските градови Толиати, Оренбург и Барнул.

Меѓутоа, ова не е првпат Скопје да се најде на крајот на листата. Во периодот помеѓу 2012-2013 година, Скопје повторно беше на последното место, во придружба на албанскиот град Тирана, на претпоследното место.

„Победата на Лондон ја покажува силата на неодамнешниот финансиски фокус на главниот град за иновации, дури победувајќи ја Силиконската долина. Лондон беше првата европска престолнина што спроведе иновациски стратегии како одговор на глобалната економска криза и победува во глобалната иновациска трка“, вели Кристофер Хајр, извршниот директор на 2thinknow.

Меѓу првите пет се најде азискиот град Сеул, кој за првпат се најде во топ десет на глобално ниво. По него, на светско ниво, најиновативни се Њујорк, Амстердам, Сингапур, Париз и Токио. Меѓу градовите кои се искачија неколку места на листата се Дубаи, на 23 место, Абу Даби на 42 и Истанбул на 95 место.

Индексот се објавува секоја година за да се измерат предусловите на градовите во однос на иновативноста. Во 2015 година беа вклучени 500 градови. Рангирањето се базира според основните фактори како што се здравјето, материјалната состојба, населението или географијата.

Целата листа е достапна овде.