„Скопје на мраз“ денеска и утре на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“

Денеска и утре (18 и 19 февруари) на лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз“.

Љубителите на овој спорт ќе имаат можност да уживаат во настапот на 55 натпреварувачи, поделени во вкупно 10 категории, од кои осум во женска и две во машка конкуренција.

На настанот ќе има и гости од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Организатор на настанот е Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија, која е формирана во 2013 година, од четири клуба кои се занимаваат со овој спорт.

„Уметничкото лизгање е млад спорт во Македонија, но интензивно се развива. Нашите спортисти имаат сè подобри резултати, а оваа година имаме огромен интерес за нашата школа за уметничко лизгање, па така педесетина деца зимава ги направија првите чекори на мразот“, вели Цветанка Макаровска, претседателка на Федерацијата.

„Скопје на мраз“ започнува денеска во 19 часот со настап на четири категории, две натпреварувачки и две интерпретативни. Настанот продолжува утре во 8 часот со останатите шест категории. Најинтересно ќе биде во периодот од 10:30 до 13:00 часот, кога своите вештини на мразот ќе ги презентираат натпреварувачите во категориите кои се признати од Меѓународната лизгачка федерација (ISU) и во кои се бираат државни прваци.

Настанот ќе се одржува на отворено и во согласност со сите протоколи за заштита од корона вирусот, информираат организаторите. Оттаму посочуваат дека сите посетители имаат обврска да носат заштитна маска за лице и да одржуваат физичка дистанца.

Влезот на двата натпреварувачки дена е слободен.