Скопје мириса на стопено железо и пластика од пожарот во „Макстил“

Густ чад синоќа ја прекри населбата Железара и голем дел од Скопје, откако се запали отпадното железо, помешано со друг материјал, во топилницата „Макстил“. Пожарот кој избувнал пред полноќ, како што соопштија од Противпожарната бригада на Скопје, зафатил површина од 500 метри квадратни и почнал да се гасне со осум возила. Помош била побарана и од цистерните на Комунална хигиена, од ЈП Водовод и канализација Скопје, како и од едно противпожарно возило од рафинеријата ОКТА.

„И денот завршува со уште едно недозволиво сценарио!!! Гори отпадот во кругот на Железара! Скопјани вечерва со затворени прозорци!“, реагираа од Коалицијата О2 на социјалните мрежи.

Граѓаните од Скопје се жалат на силен мирис на изгорено железо и пластика, како и густ чад кој од населбата Железара се прошири и кон околните населби. Пожарот е локализиран, но пожарникарите се уште интервенираат во „Макстил“.

* Дополнето: Од компанијата „Макстил“ соопштија дека се уште не се познати причините за пожарот што синоќа изби кога беше запалено отпадно железо во производниот погон Челичарница, бидејќи, како што велат од таму, погонот не работи од 29 април.