Скопје креатива – Кај нас нема доволно добри услови за скејтерство

„Чест ми е и гордост што има голем напредок во македонското скејтерство“ вели основачот на асоцијацијата Grindhouse, Виктор Василевски. Тој беше дел од работилницата за скејтери во рамките на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“.

Скопје креатива - Кај нас нема доволно добри услови за скејтерство

Виктор вели дека веќе 20 години се дружи со скејтот.

„Најважната карактеристика која треба да ја поседува еден скејтер е да се биде добар човек. Свое влијание секако дека имаат и условите во кои се вежба, талентот како и посветеноста кон ова хоби“, појаснува скејтерот.

На работилницата пред Универзалната сала присутните можеа да ги видат скопските скејтери, можеа да се проследат презентации на нивните видео записи, но и во живо да се следи и изведувањето на „лудории“ со скејт.

„На оваа работилница ние како асоцијација го презентираме она што сме го снимиле, луѓето доаѓаат, гледаат и воедно го презентираме новиот скејт парк кој што се гради оваа година, и според плановите треба да биде готов во ноември“, појасни основачот на асоцијацијата Гриндхаус .

Скејтерите се пожалија дека кај нас, на овие простори нема многу услови за скејтерство. Од асоцијација велат дека работат на тоа, но бараат помош од надлежните и од градот Скопје.

Во Македонија скејт паркови има во Охрид и во општината Карпош. Нов скејт парк се прави и во Битола, но тој сеуште е во фаза на изградба. Скејтерите сепак апелираат, кога надлежните градат скејт паркови да се консултираат со нив. Во спротивно, велат тие добиваме нефункционални паркови, кои не ги запазуваат стандардите, па оттука и не можат вистински да бидат искористени од младите скејтери.

Љупка Спасовска