Скопје и Охрид вечерва во едночасовен еколошки мрак за Часот на планетата Земја

Дванаесета година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја. Оваа година, ќе се одржи денеска, на 27 март, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во градовите Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата на РСМ, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловите тврдини, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Свое учество во акцијата најавија и Црвениот крст на РСМ, Сојузот на извидници, хотелите Мериот и Хилтон, трговскиот центар Капитол мол, салоните и управната зграда на А1 Македонија, цементарницата Усје и многу други. Повикот за акција важи и за граѓаните, па се повикани сите да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.