Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А. и Град Скопје денеска свечено го отворија Првиот семеен центар на Град Скопје.
Центарот претставува прво специјализирано советувалиште во Македонија кое нуди психосоцијална поддршка и третман на семејства кои се во конфликтни односи, во кои се врши насилство или пак во изминатиот период постоело семејно насилство.
Во центарот на едно место, ќе се нудат услуги за психосоцијална поддршка и третман на сите засегнати страни, на жртвите (жени и деца) и сторителите на семејно насилство. Услугите ќе ги нуди професионален тим од психотерапевти кој низ психосоцијален третман базиран врз соодветна техника на психотераписка работа ги зајакнува поединечно сите членови од семејството.
Нинослав Младеновиќ, Претседател на Асоцијација за здравствена едукација и истражување- Х.Е.Р.А. на денешното отварање изјави дека во Центарот може да се обрати секој кој чувствува дека во неговото семејство постои ризик од насилство, бил жртва или сторител на насилство во рамките на семејството.
„Корисници на Центарот можат да бидат и лица препратени од Центарот за социјална работа и Здруженија на граѓани кои работат на семејно насилство. Советувалиштето работи секој работен ден, од понеделник до петок. Социјалниот работник во центарот, во текот на целото работно време, врши прием на клиенти и закажува средби со психотерапевтите“, истакна Младеновиќ.
Според националното истражување за семејно насилство повеќе од една третина (36,8%) од македонските граѓани искусиле некаква форма на психолошко насилство. Најголемата зачестеност, дури 80%, се бележи кај жените жртви кои се невработени. Во град Скопје постои едно засолниште за згрижување само на жртвите на семејното насилство и три транзитни центри за сместување на жртвите до 48 часа и едно Советувалиште за работа со сторители на семејно насилство.
Проектот се реализира во рамки на проектот Прв семеен центар во Град Скопје како дел од Програмата CIVICA Mobilitas 2012 која се спроведува од страна на Центарот за институционален развој – ЦИРа, финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Центарот ја доби првата поддршка од бизнис секторот и во 2014 година работата на центарот ќе биде поддржана од Комерцијална банка АД. Скопје.