Скопје филм фестивал: Кратки македонски филмови и работилница за филмска музика

Скопје филм фестивал во рамки на утрешната програма (28 април) ја најавува работилницата за филмска музика со Игор Василев – Новоградска, како и Програмата македонска продукција со прикажување на девет кратки македонски филмови.

Работилницата со со почеток од 14 часот ќе се одржи во кино Фросина и е отворена за сите посетители. Игор Василев попознат како Новоградска е артист кој на македонската музичка сцена работи уште од 1993 година, под различни имиња и како дел од различни групи. Негови песни се наоѓаат на сите позначајни компилации со македонска алтернативна музика, а композитор е и на музика за голем број на театарски престави.

На програмата на фестивалот, во кино Фросина, со почеток од 20 часот, најавена е Програмата Македонска продукција, во рамки на која, ќе бидат прикажани девет кратки македонски филмови од најновата продукција. Влезот за оваа програма е бесплатен. Станува збор за филмовите на македонски филмски автори кои носат нови и свежи идеи во македонската кинематографија, меѓу нив се Јане Алтипармаков, Елеонора Венинова, Владимир Лукаш, Небојша Јовановиќ, Гоце Цветановски и други.

Целата фестивалска програма може да се погледне ОВДЕ.