Скопје џез фестивал: МНТ не беше наш избор за одржување на концертите, тоа е единствена опција

Со информацијата дека продажбата на билетите за годинашниот Скопски џез фестивал започнува денес, организаторите упатија и реакција во врска со критиките за изборот на локациите каде ќе се одржуваат концертите. Во неа, тие велат дека и покрај тоа што сметаат дека Македонскиот народен театар не е податлив за концерт на џез музичари од високо реноме, оваа локација им останала единствена опција, а одговор на прашањето зошто Универзалната сала не се оспособи за работа, да се побара од Министерството за култура.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува соопштението на Скопје џез фестивал:

„Како што сте веќе запознаени, главната програма на фестивалот оваа година е во Македонскиот народен театар. Оваа локација не е наш избор, односно таа беше единствената опција, не сметајќи на можноста фестивалот комплетно да го откажеме.

Имено, Универзалната сала веќе подолго време е ставена под клуч, во Македонската опера и балет се реновира гледалиштето, а Домот на АРМ не поседува елементарни услови за прифаќање на џез музичари со високо реноме.

Од повеќе причини сметаме дека Македонскиот народен театар не е податлив за одржување на концерти на уметници од рангот на оние што настапуваат на Скопскиот џез фестивал. Неповолната ситуација со концертните простори во главниот град (не спортски сали, туку концертни простори и од отворен и затворен тип) што денес добива драматични размери, е тема сама за себе.

Но, во однос на реакциите кои деновиве пристигнуваат на нашата адреса и ги преплавуваат социјалните мрежи, а се однесуваат на избраната локација – МНТ (вклучувајќи ја и локацијата за Џос Стоун), ве упатуваме одговорите на прашањата зошто Универзалната сала не се оспособи за работа пред (некогаш) да се гради нова и зошто толку доцни баналното менување на седиштата во Македонската опера и балет (нам, за жал многу добро познати), да ги побарате на вистинското место – Министерството за култура на Република Македонија, во чија надлежност се сите инвестиции и реализации на споменатите објекти.

Нашето го сторивме, а тоа беше и годинава да обезбедиме извонредна програма на џез фестивалот“, се вели во соопштението.

Концерите на 35-то издание на Скопскиот џез фестивал ќе се одржуваат од 13 до 16 октомври. Билетите за светската музичка ѕвезда Џос Стоун беа продадени уште истиот ден кога беа пуштени во продажба, во 900 примероци и по цена од 1500 денари.