„Скопје 2070“ – водич за град со подобар животен стандард

По повод „13 Ноември“ – денот на ослободувањето на Град Скопје, локалната иницијатива „Global Shapers“ изработи водич со визии за тоа како би требало да изгледа главниот град во 2070 година.

„Оваа иницијатива претставува заедничко патување кон 2070-та година, со цел да го обликуваме Скопје во наредните 50 години во град со подобар животен стандард за нас и за идните генерации. Овој водич претставува насока и рамка за развој на нашиот град низ призмата на 15 различни категории кои што меѓусебно се надополнуваат и испреплетуваат, одејќи во правецот содржан во 165-те визии и мерлив низ општи индикатори соодветни за секоја од тие визии“, велат од иницијативата.

Во водичот се разгледуваат најразлични области и предлози, од тоа како да се подобри благосостојбата и животниот стандард на граѓаните, па до туризам.

„Овој водич цели да нѐ инспирира да размислуваме амбициозно и храбро кон подобра иднина. Овој водич цели да нѐ обедини како општество заеднички и секојдневно да работиме кон остварување на поубав живот во кој ќе можеме да го оствариме нашиот личен и колективен сон за подобар живот во нашиот животен век. Овој водич цели да нѐ инспирира да бидеме одговорни со нашата моќ и влијание во градење на нашето општество. Овој водич е визија за нашиот поубав живот за време на нашиот животен век како и за нашите идни генерации“, велат од „Global Shapers “