Скопјанка со милијарда денари приход, а 2-годишно дете најмлад македонски милионер во 2018

1 милијарда и 57 милиони денари, односно околу 17 милиони евра годишен бруто-приход пријавила граѓанка од Скопје за 2018 година, со што се најде на врвот на листата на лица кои имале највисоки годишни приходи информираа од Управата за јавни приходи, кои денеска ја презентираа статистиката за највисоките годишни бруто приходи пријавени во Годишната даночна пријава (ГДП) за 2018 -та година.

Меѓу првото и второто место според најголемите приходи има голема разлика од околу 10 милиони евра. Во првите десет се наоѓаат седум граѓани од Скопје и по еден од Тетово, Струмица и Гевгелија.

Интересна е и анализата според возраста, па од УЈП информираа дека најмладото лице кое е пријавено со над милион денари приход е двогодишник, роден во 2018 година кое доходот го остварил по основ на дивиденда. Најмладото лице во групата над 10 милиони денари приход имало 21 година.

На спротивната страна на возрасната анализа, највозрасниот милионер имал 99 години, додека во групата над 10 милиони денари највозрасниот имал 93 години.

ФОТО: УЈП

Во 2018 година 31 лице пријавиле бруто-приходи поголеми од 100 милиони денари, додека најголемиот дел од граѓаните, вкупно 624 илјади лица пријавиле помеѓу 100 илјади и 1 милион денари годишен бруто-приход.

Според дејностите, и оваа година, највисоки плати се исплаќале во здравство, трговија со тутунски производи и информатички технологии.

„Највисоката годишна бруто плата во 2018 година исплатена е во секторот здравство и изнесува 183,806,532 денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско
програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Највисокото лично примање по друг основ изнесува 119,268,921 денари на годишно ниво“, соопштија од УЈП.

Самостојното вршење на дејност во 2018 било најпрофитно за Скопјани, кои доминираат на листата со приходи по овој основ. Највисокиот приход изнесувал 46 милиони денари, а во топ 10-те на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители.

Земјоделието било најисплатливо во Југоисточниот регион, каде граѓанин од Гевгелија остварил приход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од 25 милиони денари, а Валандовчанец остварил 20 милиони денари приходи по овој основ.

Најсреќниот човек во 2018 година бил скопјанец кој од игри на среќа пријавил вкупно 53,6 милиони денари бруто-приход.

ФОТО: УЈП

Генералните бројки покажуваат дека скоро 796 илјади граѓани пријавиле вкупно 309 милијарди денари бруто-приход за 2019 година и 18,5 милијарди денари персонален данок.