Скопјани се соочија со бездомништвото преку уметност

„Не ми се верува дека стојам на иста бина, каде на неколку метра од мене живее девојка која нема покрив на глава. Јас овде нешто ќе филозофирам, а таму гледам едно ќебе кое не може да нè остави рамнодушни. Ние често замижуваме пред туѓите проблеми и несреќи, дури и ние кои се сметаме за некакви освестени граѓани, и се трудиме да бидеме хумани, чесни, свесни и солидарни“, рече авторката на емисијата „Пулс“, Ана Јовковска на вчерашното соочување на публиката со делата на уметници инспирирани од еден ден поминат во друштво на бездомни лица во рамките на промоцијата на новиот број на уличното слисание „Лице в лице“ на Светскиот ден на бездомништвото, 10 октомври.

Цртеж на Хари, бунтовник со причина, песна за беспредметноста на поседувањето на нештата, расказ кој посочува на разликата меѓу домот како објект и домот како чувство, фотографии кои ја прикажуваат солидарноста на „невидливите“,  дела што сведочат за истите судбини на различни луѓе, потребата од човечност дури и во најсуровите ситуации.  Ова се дел од приказните на неколку бездомници од Скопје, кои беа главна улога во акцијата на „Лице в лице“ – „Еден ден во друштво на бездомник“, но, и во делата на уметниците  Атанас Ботев, Николина Андова, Иван Шопов, Томислав Георгиев и Елена Димитриевска создадени инспирирани од дружбата со лицата чија перница е улицата.

Настанот го отвори приказната за Неџад Бајрамовски, кој, како што кажа поетесата Андова, е човек преку кој таа ги збогатила своите внатрешни духовни простори.

– Секоја чест на оние кои имаат исповедна храброст да ги споделат своите животни приказни. Верувам и дека секој читател што ќе ги прочита приказните на бездомниците во овој број на списанието ќе препознае  свои лични фрагменти, и ќе се соочи токму со својата ронливост токму преку нивните приказни – рече Андова.
Ликот на Хари ни го пренесе ликовниот уметник Атанас Ботев, кој кажа дека му е чест што се вклучува во иницијатива која го свртува вниманието кон бездомниците, луѓето кои ги одминуваме, а кои забораваме дека се нечии родители, деца, внуци…

– Хари е отворен и позитивен, крајно инспиративен за дружба. Она што е најинтересно е што тој многу повеќе се грижи за останатите отколку за себе. Тој е човек со огромно срце кој знае да излезе во пресрет на останатите бездомници и да се бори за нивните права. Затоа и го нареков бунтовник со причина – вели Ботев.
Делата на уметниците што се вклучија во акцијата „Еден ден во друштво на бездомник“ беа претставени на два видео – бима и се проектираа на зградата на Музејот на град Скопје. Дел од овие творби се и во седмиот број на магазинот.

Скопјани се соочија со бездомништвото преку уметност

Модератор на промотивната активност беше Дона Костуранова, претседателка на Младинскиот образовен форум, која во својот говор предупреди на сериозната состојба во сферата на бездомништвото. На промоцијата на седмиот број беа присутни и многу јавни личности, поддржувачи на платформата „Лице  в лице“, како и автори кои својата поддршка ја изразуваат и преку активистичките текстови кои се објавени во изданијата на магазинот.

Овој пат на промоцијата, на продавачите на „Лице в лице“ од Скопје, им се придружија и нивните колеги кои дојдоа од „Порака Неготино“ од Неготино, специјално за овој настан. Седмиот број на „Лице в лице“ ќе биде во продажба следниве два месеца. Печатењето на овој број на „Лице в лице“ е поддржано од проектот на УСАИД за граѓанско општество.

„Солидарен оброк“ – храна за оние кои немаат

На промоцијата беа поделени и флаери за акцијата „Солидарен оброк“ која ја прават Црвениот крст на град Скопје и „Факултети.мк“. Оваа акција ја претстави Сузана Тунева – Пановска, секретар на Црвениот крст на град Скопје, која ги претстави сите ресторани, пекари и продавници кои се вклучија во реализацијата на „оброкот за споделување“.

– Ве повикувам, кога ќе бидете во нив сами или со своето семејство помислете на оние кои не се во состојба тој ден да си обезбедат оброк. Ако купите два оброка, а изедете еден ќе направите добро дело, ќе се чувствувате корисни и општествено-одговорни личности – рече Тунева – Пановска.