Само една објава на Фејсбук и голем број нејзини споделувања направија среќен крај на една непријатна случка.
Скопјанецот Новак Спирковски, вчера додека возел, несакајќи направил грешка која 18-годишниот Кристијан Милчевски ќе го чини преполагање за возачка дозвола. Ова го поттикна Спирковски да напише на својот Фејсбук за случката, нудејќи се да ги плати трошоците за преполагањето.
„Дечкото чекаше да се престои во мојата лента и јас се укочив дали да го пуштам или да поминам, и поминав, а него му изгаси колата“, појасни Спирковски во коментарите на неговата ФБ објава.
Радио МОФ го контактираше младиот Милчевски, кој ја потврди случката и рече дека тоа му било првпат да полага за возачка дозвола. Тој вели дека денеска треба да се сретнат со Спирковски и тој да му уплати за да може повторно да полага. Милчевски се надева дека набрзо ќе добие возачка дозвола.
„Додека бев на работа еден муштерија ми вика – ти полагаше денес за кола? Му викам – да. Со сиво поло? -Да“, објаснува тој, додавајќи дека лицето ја видело објавата која вчера беше една од најсподелуваните на социјалните мрежи.
„И јас кога би се нашол во таква ситуација би го направил истото“, додава Милчевски.
Тој е благодарен за овој акт на солидарност и смета дека вакви примери треба да има почесто.
Е.П.