Скејтпарк во Јордан е единствено место за дружба и забава на деца бегалци

Кога Мохамед Закарија растел во Аман, не знаел никој друг во цел град кој има скејтборд.

„Добив скејтборд како роденденски подарок кога имав 10 години, а не знаев дека може да се прават трикови со него додека не наполнив 18 и добивме интернет во државата“, вели Закарија.

„Тогаш бев единствениот скејтер во градот. Беше многу тешко да научам да скејтам сам“.

Закарија и неговиот тим на волонтери добиле идеја да го формираат 7Hills Skatepark, јавно финансиран проект чија цел е слободен јавен парк да биде претворен во место за дружење на најранливите во Аман: децата бегалци.

Децата од аманското соседство Ал-Балад, исполнето со илјадници луѓе кои пребегнале од своите домови во Сирија, сега имаат пристап до овој јавен скејтпарк, како и до заедницата која се формирала околу него.

Крвавата граѓанска војна која се одвива преку северната граница на Јордан присилила повеќе од 650.000 бегалци во земјата од 2011 година. Многумина од нив се малолетни. Со ограничените ресурси, имаат многу малку можности за да бидат креативни и да си играат.

„Има многу млади меѓу бегалците кои немаат што да прават. Можеби јас можам да им ја пренесам страста која ја имам, и можеби скејтбордингот ќе ги смени животите на овие деца како што го смени мојот“.

7Hills скејтпаркот е лоциран на мало парче земја кое никогаш не било користено во овој зафатен дел на Аман. Неговите некогаш напуштени ѕидови сега се покриени со шарени мурали.

„Навистина бев изненаден од поддршката која ја добивме од интернационалната заедница, скејтерите и локалните жители“, вели Закарија.

Кампањата за паркот која ја започнал на Indiegogo досега собрала повеќе од 20.000 долари. Бидејќи скејтбордите се прилично скапи и тешко е да се дојде до нив во Јордан, особено за децата бегалци, основачите на 7Hills зависат сосема од донации.

Минатиот месец, средношколци од Сан Франциско рачно изработиле 16 скејтборди за да ги донираат на паркот. Но, Закарија сака паркот да биде во сопственост на заедницата. На пат се и да го направат тоа.

Децата и тинејџерите кои скејтаат во паркот помагаат во неговото одржување, чистејќи го ѓубрето и нечистотијата од рампите.

„Откако паркот беше изграден, беше прекрасно да се види колку многу деца започнаа да скејтаат и стана голем дел од нивните животи“, вели основачот.