Скејтање, гејминг и забава на средношколскиот „Конект Фестивал“ од 23-ти до 28-ми април

Напревар во скејтање, гејминг, разговори, дружење и свирка се дел од настаните кои ќе се одржат на вториот гимназиски „Конект Фестивал“ од 23 до 28 април.

Фестивалот е покренат по иницијатива на група ученици и поранешни ученици од петте скопски гимназии „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“.

Како што посочуваат организаторите, целта на фестивалот првично била за прв пат да се организира настан за учениците, кој воедно ќе биде интерекативен, меѓугимназиски и различен од се што имало до сега.

„Главната идеа на фестивалот е да се организира настан, со кој ќе биде стимулиран соживотот на младите во време кога тој беше, и сеуште е, во извесна мера запоставен. За развојот на младите да се одвива по нагорна линија, потребно е да се има регуларна интеракција со различни луѓе. Преку запознавање на различни карактери, како на врсници така и на неврсници, можат средношколците да спознаат нешто повеќе за себеси. Преку разбирањето зошто еден друг млад човек се интересира за тоа што се интересира, можат средношколците да осудат дали со тоа се сложуваат или не и преку тоа да формираат сопствено мислење за одредената тема. Токму развивањето на свеста и интеграцијата во општеството се најважните придобивки од овој фестивал за младите генерации. Големиот диверзитет на настани им дава можност на средношколците да стапат во контакт со разновидни карактери со уште поразновидни мислења за темите на настаните“, велат организаторите.

Организаторите посочуваат дека нивниот план е „Конект Фестивал“ да стане обележје на младата популација во Република Македонија.

„Комфорната зона е многу често причината, зошто мнозинството на луѓе не превземаат никаков ризик и со тоа остануваат во истото место некогаш и целиот нивен живот. Запознавањето на светот надвор од комфорната зона знае да биде исполнет со страв и срам, од што ќе мислат другите до дали јас навистина припаѓам во т.н. ново-откриената средина. Преку пронаоѓањето или непронаоѓањето на заедничките интереси со други луѓе единката најчесто може самата да си го одговори прашањето дали припаѓа односно дали и е убаво со ново-запознаените луѓе. Токму елементот на посесивност, тоа што настаните се одржуваат во гимназиите, а подоцна можеби и во факултетите, и дава на единката чувство на припадност. Тоа чувство на припадност често го надвладува срамот и стравот на излегувањето од нивната комфорна зона. На тој начин фестивалот би им послужил на средношколците како тунел спрема надворешниот свет, тунел, во кој владее позната средношколска атмосфера“, додаваат тие.