Во Извештајот на ректорот за минатогодишната работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за кој пред неколку дена се расправаше во собраниската комисија се заборавени скандалозните студентски избори, барањето за вонредните седници поради изградба на новата зграда на ФИНКИ, присуството на полиција во кампусот. Ова се само мал дел од забелешките на Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат кои беа поканети, но не добија право на глас на собраниската комисија која се одржа пред неколку дена за разгледување на Извештајот.
„ Во Извештајот нема ни збор за присуство на полицијата во Кампусот и тоа во неколку наврати, како ни за спектакуларната интервенција на Специјалните полициски сили при приведувањето на професор на Економскиот факултет. Недостасуваат соодветни и целосни информации и по однос на процедурата за избор на ректор, укажувањата на СП и соодветите барања во врска со нелегалниот статус на претставниците на СПУКМ кои учествуваа во изборот на ректорот. Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со изборот на претседател на СПУКМ, проблемите кои настанаа притоа, формирањето на Комисијата за истражување на случувањата, како и резултатот од нејзиното работење.
Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со формирањето на Комисијата за измени на Статутот во делот на студентското организирање од страна на Сенатот на УКИМ, како и резултатот од нејзината работа“, се вели во заедничкото соопштение на синдикатот и пленумот.
Тие забележуваме дека Извештајот изобилува со фактографија и нарации, но тие не се ставени во соодветен контекст за да претставуваат информации од кои може да се процени дали воопшто е направен напредок во некој сегмент од работата на УКИМ.
„Она што може да се заклучи од Извештајот, така како што е составен, е дека во извештајниот период Ректоратот на УКИМ не преземал одлучни чекори за решавање на наталожените проблеми во однос на кадровските прашања, просторните и инфраструктурните проблеми и несоодветното финансирање, со оглед на тоа што не постои информација дека истите се адресирани до соодветното министерство.
Дека Владата немала многу разбирање за потребите на УКИМ може да се заклучи од податокот дека од Универзитетот се доставени до Владата барања за 241 вработување, од кои се одобрени само 51. До сличен заклучок води и податокот дека за учебната 2015/16 година од Владата не е одобрен бараниот број места за упис на одредени студиски групи, со што намерно или ненамерно, се подобрува позицијата на приватните универзитети и дисперзираните студии на другите универзитети и се овозможуваат услови за развивање нелојална конкуренција“, стои во соопштението.
Седница на Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија кога се разгледуваше Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година се одржа во вторникот. Покрај Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски на оваа седница беа поканети и претставници на Студентски парламент на УКИМ, Студентски пленум, Професорски пленум и Независен академски синдикат.
Сепак, поради големиот број процедурални забелешки на членовите на Комисијата од редот на опозицијата, претставниците на Синдикатот, на професорскиот пленум, но и на студентите, немаа можност да земат збор и да дадат активен придонес во расправата .
„Ги разбираме и ги поздравуваме заложбите на парламентарното мнозинство за одржување на легалистичкиот континуитет на државата, наспроти гласните барања на дел од јавноста за брзо справување со неправилностите и неправдите од изминатиот период. Но, со оглед на тоа што одлуката на Претседателот на Комисијата да ги вклучи и претставниците на академските здруженија во нејзиното работење претставува политички гест, а не законска обврска, се прашуваме што би требало да значи канењето на претставниците на СПУКМ.
Имено, пред точно една година целокупната македонска јавност можеше да се увери дека тие луѓе не ги претставуваат студентите, туку дека со помош на полициско насилство им беше овозможено да ги украдат изборите. Ако проблемот на нивната легалност и легитимност се игнорира и сѐ уште не се решава во органите и телата на УКИМ, дали со поканата за учество во работењето на Собраниската комисија, несвесно не им се дава апостериорен легитимитет на оние кои се сѐ само не легални и легитимни претставници на студентите на УКИМ?“, се додава во соопштението.