Имиња, фотографии и адреси на борбени пилоти, припадници на специјалните сили, лица кои се под полициски истраги и лица во програмата за заштитени сведоци на Шведска се само дел од податоците кои биле протечени на небезбеден начин од властите на земјата.
Протокот се случил додека се вршел аутсорсинг на информатичките услуги за Агенцијата за транспорт на Шведска преку ИБМ-Шведска во 2015 година со кој требало да се заштедат средства. При процесот, серверите со чувствителни материјали биле управувани од луѓе надвор од земјата, кои ги немале неопходните безбедносни сертификати за такви активности. Одговорната директорка, Марија Агрен, во јануари ја напуштила функцијата, а пред 20-тина дена била осудена за случајот и казнета со 8000 евра.
Новиот шеф на Агенцијата за транспорт, Јонас Бјелфенстам, изјавил дека договорениот информатички процес бил забрзуван и биле прекршени одредени закони и внатрешни процедури на Агенцијата.
ИБМ – Шведска не го коментирала случајот, изјавувајќи дека никогаш не говорат јавно за прашањата на нивните клиенти.
„Во случајот била отворена можност за пристап до тајни информации кои можат да бидат искористени против одредени личности, но, исто така и од криминалци кои можат да направат пари продавајќи ги податоците. Можело и да се манипулира со податоците, преку бришење или додавање информации“, рекол експертот по безбедност Јохан Викторин за весникот ДН.
Шведскиот премиер Стефан Лофвен го призна протокот на информациите, додавајќи дека жали што не бил порано информиран за целата ситуација.
„Ова е катастрофа. Ова ја изложило Шведска и граѓаните на ризик“, рекол премиерот кој посочил дека покренал истрага за случајот и дека ќе се заложи за построги закони за обработка на чувствителни материјали.
Интернет страниците кои се занимаваат со интернет безбедност, пишуваат дека според она што е досега познато, помеѓу протечените и изложени бази на податоци се и податоци околу максималниот капацитет кој можат да го издржат сите патишта и мостови во Шведска, имиња, фотографии и домашни адреси на сите борбени пилоти во авијацијата и специјалните борбени единици, сите лични податоци од полициските регистри, заштитените сведоци, како и податоци и информации за дефекти на сите владини и воени возила.
Агенцијата за транспорт соопштила дека немаат индикации дека чувствителните материјали завршиле во погрешни раце.
Скандалот сепак отворил прашања околу начинот на кој овие информации се чуваат од властите. Безбедносните сили го информирале Министерството за правда на крајот на 2015-та година, но премиерот Лофвен рекол дека за проблемот дознал дури на почетокот на оваа година.
Вооружените сили изјавиле дека ситуацијата може да се исконтролира и дека регистрациите на важните воени возила се под контрола на армијата и не биле загрозени. Од безбедносната полиција ја оцениле ситуацијата како сериозна но одржлива.
Шведската опозиција, поради скандалот, не ја отфрлаат можноста да повикаат рапсрава и гласање во парламентот за доверба на три министри (за транспорт, за внатрешни работи и за правда) во шведската влада.