СЈО започна истрага за „Скопје 2014“, Жерновски повикан да даде исказ

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во вторникот бил повикан во Специјалното јавно обвинителство за да даде исказ во врска со проектите во ДУП „Мал Ринг“. Се работи за централното градско подрачје, каде што се сместени спомениците и објектите од владиниот проект „Скопје 2014“.

Од Општината потсетуваат дека по доаѓањето на Жерновски на градоначалничката функција, беа изработени два ревизорски извештаи за „Скопје 2014“, кои констатирале низа неправилности и кршење на закони, неколкукратно поскапо платени споменици и криминални тендерски постапки.

„Целиот материјал и извештаите беа доставени во Јавното обвинителство пред три години. Обвинителството побара дополнителни докази, што веднаш беше сторено од општина Центар. Од тогаш, Јавното обвинителство молчи за овој предмет и не го процесуира, со што се спречува започнувањето на правната разврска“, велат од Општина Центар.