СЈО: „Труст“, за 17 милиони евра злоупотреба на буџетот преку тендери

Невистинита документација со која се склучувале договори за ископ на јаловина и јаглен од рудникот Суводол, Битола, е најновата истражна постапка „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство.

Осомничени се три физички и три правни лица за кривичното дело – „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“. Од СЈО најавија дека во текот на денот ќе се побара мерка притвор за две од осомничените лица.

Фирмите, според обвинителството, пријавувале дека ги исполнуваат условите од тендерскиот повик иако фактичката состојба не била таква. Од СЈО сметаат дека постои основано сомнение дека државниот буџет на Македонија е оштетен за нешто над 17 милиони евра, кои А.Д. ЕЛЕМ, во државна сопственост, ги исплатил на конзорциумот фирми со јавната набавка.

„Оваа постапка ќе ви покаже до каде одела борбата со конкуренцијата, за добивање тендери и огромни парични средства и како еден конзорциум, со фалсификувана документација, успеал да добие тендер, па и анекс на тој тендер и заработил 17 милиони, 235 илјади евра, пари на граѓаните на Република Македонија“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Од СЈО информираа и дека постапката „Титаник“ е проширена за 17 осомничени лица.