СЈО: Повлечено обвинението во предметот „Пуч“

Специјалното јавно обвинителство со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот „Пуч“.  Причина за ова, велат од СЈО, е фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт, која е во спротивност со доказите со кои СЈО располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.

Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, соопштуваат од СЈО.