СЈО отвори 7 нови истраги за 17 лица

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска објави дека отворило седум нови истраги во кои се осомничени 17 лица за злоупотреба на службена должност, измама и други кривични дела.

Првата истрага под името „Странски служби“, како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на две осомничени лица, едно директен извршител, а другото како поттикнувач. Првоосомничениот е поранешен началник за оперативна техника во УБК кој направил извештај за да се потврди тогаш промовираната теза дека нелегалното масовно прислушување го вршеле тајни служби. Во декември 2014 преку фаворизирање странска компанија добила тендер за опрема во МВР. Целата постапка, според СЈО, е незаконски спроведена.

Во вториот случај „Друмарина“ поранешна пратеничка е осомничена за злоупотреба на надомест за патни трошоци во периодот од јули 2011 до декември 2015. Таа давала лажни фискални сметки за реализирани патувања од местото на живеење, иако имала сместување во Скопје. Според утврдените податоци од СЈО, ако биле реални поднесените сметки, таа за посочениот период требало да има поминато 235.928 километри. Утврдено е дека километражата на возилото со кое ги реализирала патувањата била 133.520 километри. Со тоа направила злоупотреба на средства во износ од околу 100.000 евра.

Третата истрага „Рендген“ се однесува на поранешен министер за здравство за набавка на опрема за радиолошки лаборатории во 2012 година. Тој е осомничен за фаворизирање на една фирма да го добие тендерот за опремата. Во јануари 2014 договорот бил раскинат откако во јавноста излегоа информации за учество во тендерот на една новинарка и нејзината мајка. Сепак, министерот не го поништил тендерот, туку склучил договор со второрангираната фирма со што е направена злоупотреба вредна околу 860.000 евра.

Четвртата истрага „Продуцент“ се однесува на поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство кој во ноември 2009 година без јавна набавка склучил договор со продуцентската куќа „Смарт центар“ ДООЕЛ Скопје за снимање емисија која се емитувала на ТВ Сител во вредност од 50.000 евра.

Петтата истрага „Лидери“ што ја отвори СЈО произлегува од обавен телефонски разговор меѓу лидери на две политички партии во врска со уривање на нелегално изграден објект. Осомничен е сопственикот на објектот што бил изграден во периодот од ноември 2011 до февруари 2013 година без одобрение, на површина од 1.000 метри квадратни.

Шестиот случај „Тарифа 2“ се однесува на злоупотреба на набавка на ЕРП софтвер во ЕЛЕМ. Осомничено е едно лице кое веќе е обвинето и во предметот „Тарифа“. Вкупната направена штета со извршените злоупотреби е 288.880 евра.

Седмата истрага „Транспортер 2“ е продолжение на случајот „Транспортер 1“, а се однесува на злоупотреби со превоз на ученици во Битола во периодот од 2009 до 2011 година. И во оваа истрага осомничен е поранешниот градоначалник на Битола, но и тројца директори на основни училишта. Вкупната причинета штета со направените злоупотреби во „Транспортер 2“ изнесува 1.873.583 денари.

Извор: МИА