СЈО од денес и официјално веќе не постои

Денеска завршува важноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство. Од утре во сила е новиот Закон за Јавното обвинителство, кој беше донесен во февруари, пред распуштањето на парламентот. Отсега снимките се само индиции, а не докази.

Обвинителката Ленче Ристоска преку социјалните мрежи пиша дека „горчив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија“.

„Денес се поздравивме со колегите од стручната и од административно-техничката служба и со истражителите. На вработените во СЈО денес им е последен работен ден и овие луѓе од денес остануваат без работа! Денес мојот стручен соработник ми вика: ‘Тажно е обвинителке, ко средна школа кога завршуваш, четири години сме заедно, што сѐ не делевме, имаше периоди почесто бев на работа од дома‘. И така беше… За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост“, напиша вчера Ристоска.

Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не нашол храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, смета дека не заслужува одговор.

„Затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет“, напиша вчера Ристоска.

Таа беше дел од тројката Јанева – Фетаи – Ристоска, која почна да отвора предмети  на „Т“, откако СЈО беше формирано за да се справува со случаи со „бомбите“ – поврзани со нелегалното прислушување. Прес-конференциите на СЈО еуфорично ги следеше целата македонска и светска јавност. По контроверзната аболиција во 2016 година, се роди Шарената револуција, а СЈО стана симбол на „слобода и правда“, како автономна институција со свој кадар и буџет.

Будниот фокус од јавноста го направи СЈО да биде предмет на политички препукувања. Во меѓувреме, со истрагите и случаите многу прашања беа отворени и незатворени, а јавноста доби впечаток дека е бавна разврската за прислушувањето. Особено за лицата чии гласови најмногу се слушаа во „бомбите“. Некои обвиненија завршија со правосудни пресуди, а некои се’ уште се судат. СЈО на државното обвинителство му предаде 171 предмет.

Во втората половина на 2019 силно одекна случајот „Рекет“ во кој беа приведени, па потоа и обвинети, неколку лица вмешани во корупција. Меѓу нив се најде и специјалната Јавна обвинителка, Катица Јанева која потоа беше разрешена од функцијата. Кривичниот суд во јуни 2020 Јанева ја осуди на седум години затвор.

По згаснувањето на СЈО, во интервју за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески уверува дека Јавното обвинителство со целосна посветеност ќе ги применува одредбите од новиот Закон.

Законските решенија, како што посочува, содржат добра основа за современо Јавно обвинителство, како надлежен орган за гонење на кривични дела.

„Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“, нагласува Јовески.