СЈО: Најмалку 5827 телефони биле „таргет“ на незаконско прислушување

Специјалното јавно обвинителство отвори истражна постапка под име „Таргет“, во која се сомничат лица од Управата за безбедност и контраразузнавање за незаконско прислушување на најмалку 4286 телефонски броеви, без никаква судска наредба, во периодот од 2008 до 2015 година.

Дополнително, информираа, дека незаконски се прислушувале уште 1541 телефонски броеви кои се следеле и пред да се издаде судската наредба и по завршувањето на траењето на наредбата. Вкупно, соопшти СЈО, биле незаконски следени најмалку 5827 броеви, а незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со „таргетираните“ бореви.

„Основно прашање кое мора да го одговори ова обвинителство е – кој, на кој начин, со кои средства и со какви мотиви вршел незаконито прислушување во Република Македонија. Одговорот на ова прашање, освен во делот на мотивите кои ќе бидат предмет на истрагата, добива слика во дејствијата на десет лица – тогаш, а дел и сега – вработени во УБК на различни работни позиции, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

target-sjo-foto

Од СЈО на пресконференцијата соопштија дека преку злоупотреба на институциите и системите за следење на комуникациите потешко се повредени човековите права на голем број луѓе кои биле незаконски прислушувани и потенцираа дека, според нив, има доволно докази за отворање истрага по овој предмет.

Од СЈО посочија дека незаконско прислушуување имало и во 2016 година.