СЈО го отвори првиот случај „Титаник“ и побара притвор за двајца поранешни министри

Поранешната министерка за внатрешни работи, поранешниот министер за транспорт и врски, генералниот секретар на Владата и пет други засега непознати лица се осомничени како сторители на кривични дела против изборите и гласањето, објави денеска Специјалното обвинителство.

Обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска на прес конференција денеска го презентираа првиот случај кој го покрена Специјалното јавно обвинителство под името „Титаник“. Случајот следи по истрагата и гонењето на кривичните дела што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што до нејзе и нејзините соработници доаѓале од одредени политички партии преку конструирани кривични пријави.

„Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот, законите и вашата подршка. Макар сите да молчат, јас нема да молчам. Сите ме охрабруваат и јас да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите и ветриштата што му се спротивставуваат на Специјалното јавно обвинителство уште од самиот почеток на неговата работа. Ме охрабрува и подршката на меѓународната заедница. Подршката е доказ дека нашата борба не е само наша, туку е и борба на целиот демократски свет“, вели Јанева.

Таа соопшти дека Специјалното јавно обвинителство отвора постапки за десетина кривични дела од областа на изборите и гласањето, слободите и правата на човекот и граѓанинот, општата сигурност и имотот, како и кривични дела против службената должност и државата.

„Во оваа фаза доминираат кривичните дела против изборите и гласањето, бидејќи сметаме дека значајно е да се согледаат сите начини на кои се делувало врз изборите, а со цел во иднина да се спречат злоупотреби и нови кривични дела“, додаде Јанева.

Според обвинителката Фатиме Фетаи, иако според нив се работи за втор по важност предмет, после прислушкувањето каде е нападнат целокупниот уставен и правен поредок и особено најважните човекови права, сепак кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според обвинителството од кривично-правен аспект претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем.

„Во овој предмет после огромен број на предистражни дејствија, врз основа на огромен број на индиции и се разбира докази, произлезе основано сомнение дека одредена група на луѓе, на кои нема да ги откријам идентитетите, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт“, додаде Фетаи.

Отворена е истражна постапка против повеќе лица за кривични дела: Злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, Повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, Повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, Уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ.

Таа информираше дека според нивните сознанија во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.

Според неа, произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ несмеат да бидат.

„Меѓутоа, ова не е единствениот начин на кој е влијаено врз изборниот процес. Применувани се и други методи како насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања. Сите овие дејствија како што наведов законодавецот ги третирал како кривични дела против изборите и гласањето и за сите постои основано сомнение дека се сторени од конкретни лица“, додаде Фетаи

Обвинителките информираа дека против определени лица е предложена мерка притвор како најстрога мерка за обезбедување присуство, акцентот на мерката е поради основан страв дека ќе се врши влијание на сведоците и соучесниците, за што поднеле и докази дека веќе се вршело такво влијание, а за некои од лицата и по другите основи, особено заради сериозна можност за повторување на кривичните дела и против едно лице со двојно државјанство поради опасност од бегство.

Обвинителството информираше дека денеска е отворена и истрага против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело Изборна измама, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците.

Отворена е истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

„Извесно е дека истрагите ќе се прошируваат и нема да биде поштеден никој кој дејствувал на криминален начин“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Според обвинителката Ленче Ристовска, врз основа на објавените разговори започнати се повеќе предистражни постапки, а се прават проверки и извиди за отворање и на други предистражни постапки.

Започнати се предистражни постапки за предметот Маѓар Телеком, кој е побаран од обвинителството за организиран криминал, како и за аферата во јавноста позната како „Надеж“ за кој предмет е изготвено писмо со барање за достава.

„Сакам да укажем дека соработката со институциите оди навистина тешко и иако на почетокот се надевавме дека ќе се надмине ваквата состојба и ќе се воспостави професионална и добра соработка, сепак тоа нешто не е случај. Последица на ваквата состојба е одолговлекување на одредени предистражни постапки, во кои сепак, во рамки на законските прописи се преземаат сите активности и се користат сите законски овластувања“, рече Ристовска.

Според неа во изминатиот период се прави обид да биде нарушена репутацијата на Специјалното јавно обвинителство како институција, на јавните обвинители и истражителите од политички партии, институции на системот и индивидуи.

„Со должна почит кон Советот за јавни обвинители, искрено се прашуваме дали имаме поддршка за нашата работа, имајќи ги предвид последните изјави на Советот. Имено од страна на Советот при последната изјава за јавноста беа соопштени невистини и непроверени факти. Појаснуваме дека ние немаме судска полиција и не била користена асистенција на полициски службеници да некој биде отстранет од работа, за што сведочат и видео записите од нашите безбедносни камери. Сепак изразуваме уверување дека Советот во иднина, како професионална институција ќе појасни врз основа на кои законски одредби и процедури постапувал при оценување на законитоста на дејствијата преземени од Специјалната јавна обвинителка, со што ќе ги отстрани сите сомнежи за пристрасно и необјективно постапување“, рече Ристовска.