„Сите за Палестина“ со протестна нота до Муцунски по повод селективно осудување на напади врз здравствени установи

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера на социјалната мрежа X напиша дека „болниците не се воени полиња“ и дека недвосмислено го осудува нападот на Медицинскиот центар Сорока во Бер Шева, Израел. Граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“ упати протестна нота до министерот, прашувајќи го каде беше во изминатите 622 дена кога Израел бомбардираше и палеше болници во Газа.

Според Светската здравствена организација, од октомври 2023 година до јули 2024 имало напади на 464 здравствени установи во Газа, убиени биле 727, а повредени 933 здравствени работници и оштетени или уништени 113 амбулантни возила.

„Ова се бројки до средината на 2024, може да претпоставиме каква е ситуацијата сега. Вие и нашата држава ги немате осудено овие напади ниту еднаш, напротив, постојано и активно гласате против или воздржано за резолуциите на Обединетите нации за правата на Палестинците во Газа, како на пример Резолуцијата A/HRC/58/L.31 од 58-та редовна седница на Советот за човекови права на Обединетите нации, одржана на 4 април 2025 година, за која нашата држава гласаше против, или Резолуцијата A/ES-10/L.34/Rev.1 од 60-та пленарна седница на Генералното собрание на Обединетите нации, одржана на 12 јуни 2025 година, за која нашата држава беше воздржана“, велат од „Сите за Палестина“.

Според иницијативата, ова се срамни гласања, земајќи го предвид контекстот на нашата држава.

„Дополнително, вашата осуда е глува, дрска, и задоцнета. Факт е дека напад врз здравствени установи претставува воено злосторство според Меѓународното право и повеќе конвенции, и дека СИТЕ цивили и медицински персонал мора да се заштитени. Затоа, бараме, ретроактивно, како што го осудивте нападот на Медицинскиот центар Сорока, така да ги осудите и сите напади врз здравствените установи во Газа од октомври 2023 до денес“, апелираат од „Сите за Палестина“ до Муцунски.