„Сите за Палестина“ на средба кај Силјановска Давкова: Мора да покажете вистинска солидарност со Палестина

Претставници од иницијативата „Сите за Палестина“ денес остварија средба со претседателката Гордана Силјановска Давкова, во нејзиниот кабинет, каде директно и ги пренесоа своите барања и повикаа државата да покаже јасна солидарност со палестинскиот народ, пренесува агенцијата Мета.мк.

За време на разговорот, активистките се повикаа на неодамнешните изјави на претседателката по повод 80-годишнината од основањето на Обединетите нации, кога таа истакна дека мирот, климатската правда и меѓународното право се најголемите предизвици на современиот свет. Во тој контекст, тие укажаа дека недостига конкретна акција и почитување на меѓународните заложби на Македонија во овие принципи, а молкот на македонските претставници во ООН го оценија како соучесништво во тековниот геноцид над палестинскиот народ.

Активистките го оценија гласањето на Македонија против правото на самоопределување на Палестина како срамно и спротивно на историските заложби на државата, повикувајќи ја претседателката да ја препознае антифашистичката традиција на Македонија и да се заложи за почитување на меѓународното хуманитарно право и прекин на страдањата во Газа.

На крајот од средбата, тие и подарија пакет со книги за мирот, хуманоста и Палестина, и ја повикаа да покаже морална и историска доблест „во духот на човечноста и слободата“.