„Сите за Палестина“ до Муцунски и амбасадорите: Барајте итно ослободување на хуманитарците од бродот „Мадлин“

Иницијативата „Сите за Палестина“ упати писма до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, британскиот амбасадор Метју Лосон и останатите амбасадори во Македонија повикувајќи ги јавно да го осудат грабнувањето на 12-те активисти од бродот „Мадлин“ кој пловеше под знамето на Обединетото Кралство во обид да пренесе хуманитарна помош кон Газа, како и да бараат нивно итно ослободување од израелските сили.

Во писмото до Муцунски тие истакнуваат дека Министерството мора да поддржи меѓународна интервенција во случајот со „Мадлин“ на кој се наоѓаат европски државјани, меѓу кои и државјани на земји со кои Македонија има блиски дипломатски односи: Франција, Шведска, Германија, Турција, Шпанија, Холандија.

„Ова претставува сериозно прекршување на меѓународното право, вклучувајќи ги и повелбите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето (UNCLOS) и меѓународното хуманитарно право. Употребата на сила и приведувањето на цивили во мирна хуманитарна мисија, во меѓународни води, е незасновано и незаконско“, велат од „Сите за Палестина“.

Покрај осуда, тие од Муцунски бараат и да испрати официјална дипломатска нота до Израел со барање за итно ослободување и безбеден повраток на приведените и навистина да ја спроведе заложбата на Македонија за почитување на меѓународното право, заштита на хуманитарните работници и превенција од геноцид.

„Вашата одлука да не го поддржите правото на самоопределување на Палестинците беше срамна за сите луѓе во оваа земја. Зборувате за меѓународно право, учествувате во Обединетите Нации, а во исто време не правите ништо. Учеството во меѓународниот систем не е само за дополнителни средства за владините избраници, бескрајни бранчови и јакнење на односите со Израел – туку е обврска за почитување и одбрана на меѓународното право. Дејствувајте веднаш!“, апелираат од иницијативата до министерот за надворешни работи.

Додека, во писмата до амбасадорите нагласуваат дека бродот е под британско знаме и под исклучива јурисдикција на Обединетото Кралство додека се наоѓа во меѓународни води.

„Секое мешање од друга држава – особено што вклучува употреба на сила и притворање на цивили – претставува сериозно кршење на меѓународното право и суверенитет. Нападот не е само незаконски, туку е и напад врз хуманитарните принципи што ги почитуваа вашите граѓани. Нивното притворање претставува јасно кршење на нивните основни права, а може да спаѓа и во обемот на тешки прекршувања според меѓународното хуманитарно право“, велат тие во писмата.

Со оглед на тоа што незаконски се притворени нивни граѓани, тие ги повикуваат амбасадите итно да дејствуваат инсистирајќи на ослободување, соработка со израелските власти и осуда за континуирано кршење на меѓународното право и вршење воени злосторства.

„Покренете го ова прашање пред меѓународните тела за да се обезбеди правна одговорност и да се поддржи заштитата на цивилите вклучени во хуманитарна работа. Оваа ситуација, исто така, бара дејствување според обврските на вашите земји за спречување на геноцид, преку поддршка на сите напори – како што е оваа мисија за помош – кои имаат за цел да се справат со хуманитарната криза во Газа, не признавање или поддршка на нелегални дејствија, вклучително и блокадата на Газа од страна на Израел, прогласена за незаконска од Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година. Дејствувајте сега за да ги заштитите вашите граѓани, да го почитувате меѓународното право и да го поддржите правото на доставување хуманитарна помош“, истакнуваат од „Сите за Палестина“.

Израелската војска ги киднапираше активистите кои превезуваа хуманитарна помош