Сите училници во скопските средни училишта добиваат прочистувачи за воздух

23 средни училишта во Градот Скопје од денеска ќе добијат вкупно 572 прочистувачи за воздух за секоја училница, информираше градоначалникот Петре Шилегов при посетата на СУГС „Орце Николов“.

Вредноста на прочистувачите е околу 11 милиони денари, а градоначалникот посочи дека учениците од сега па натаму ќе поминуваат барем една третина во денот во простории со прочистен воздух.

„Наша должност е да се грижиме за здравјето и квалитетот на живеење на нашите сограѓани, децата се наша иднина и нивното здравје е наш приоритет. Имаме обврска да создаваме услови за здраво живеење, да ги намалуваме ризиците по здравјето на граѓаните, да овозможиме што поздрава животна средина за сите вклучително и за младата популација. Ученичката популација е движечка сила на општеството и на нашиот град и секој чекор вложен во нив е директен влог во иднината“, нагласи Шилегов.

Градот Скопје е единствената единица на локалната самоуправа која обезбеди прочистувачи за воздух за секое свое училиште.

Шилегов потенцираше дека оваа година биле реконструирани 11 средни училишта, кои добиле енергетски ефикасни фасади, а во преостанатите училишта била извршена санација на санитарните јазли, подови, врати, електрика и греење, онаму каде што тоа било потребно.

„Сите ученици од средните училишта на Град Скопје од септември оваа година добија бесплатен автобуски превоз. Односно,  покрај 20. 000 ученици кои добивале бесплатни билети, од почетокот на оваа учебна година, бројот го зголемивме за дополнителни 2.000 ученици. За прв пат годинава доделивме вкупно 100 стипендии на ученици од средните училишта на Градот во висина од 3.000 денари месечно, за 8 месеци. Исто така, Градот Скопје годинава започна и со адаптација на училиштата за лицата со телесна попреченост. Од летниот период до сега, направени се тоалети за лица со посебни потреби во седум средни училишта (Панче Караѓозов, Ј.Броз Тито, Зеф Љуш Марку, Ѓорѓи Димитров, Кочо Рацин, Боро Петрушевски и Лазар Танев), а во тек е изработка на ваков тоалет во СУГС Браќа Миладиновци. Покрај тоалетите, во секое училиште каде што постоеше соодветен простор, се обележаа паркинг места за лица со посебни потреби. Адаптацијата на училиштата се одвива развојно, така што и во преостанатите училишта се работи на процедурите за адаптација на пристапноста. Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење. Оваа категорија на наши сограѓани безусловно мора да ужива еднакви права. Наша обврска е да им го олесниме секојдневното живеење“, рече Шилегов.

Од Град Скопје додаваат и дека годинава, во соработка со АВРМ и УНДП, работно ангажирале вкупно 17 образовни асистенти во 9 средни училишта кои работат со учениците со посебни образовни потреби. Овие асистенти се припадници на некоја од социјално ранливите групи на население, вклучително и приматели на социјална помош.