„Сите слушнале за беровското сирење, но не и за маката на беровските семејства“ – Душица Крстеска, победник на „Зелени идеи“

Душица Крстеска

„Пред многу години колибарењето било стил на живот во Малешевијата. Верувам дека сите сме слушнале за познатото беровско сирење, но ретко кој ја почувствувал маката на беровските семејства кое што се занимаваaт со оваа дејност. Планините околу Берово покрај тоа што се богати со борова шума, богати се и со пасишта на кои тревата останува зелена до доцна есен. Со тоа се овозможува овците да бидат исклучиво на испаша долг временски период, а со тоа се добива млеко кое ги задоволува стандардите за преработка во беровско сирење и буламач. Поради богатите зелени ливади, но и поради неможноста зимно време овците да се чуваат во близина на градот, настанало колибарењето. Во периодот на летото сите работоспособни членови на семејството биле на планина, дел од нив ги носеле овците на пасење, дел собирале сено за зима, додека пак најчесто жените биле тие кои што го изработувале сирењето“,  вели Душица Крстеска, добитникот на посебната награда „Зелени концепти“ во склоп на натпреварот „Зелени идеи“ на АРНО со идејата за заштита на феноменот колибарење во Македонија и промовирање на традиционални малешевски специјалитети.

Во разговор за Радио МОФ, таа вели дека идејата за заштита на колибарењето и промоцијата на малешевските традиционални специјалитети се развила пред неколку години, кога таа се запознала со нејзиниот партнер, кој потекнува од семејство кое генерациски се занимава со производството на сирење, буламач, урда и жежено сирење.

„Првиот контакт со колибарењето го имав пред неколку години, а со тек на време и со посетени повеќе колиби од кои што најголем дел се празни, ми дојде идејата дека промената може да започне баш од нашата. Нашата колиба се наоѓа на нешто помалку од 4км од Беровското езеро, до која што се стигнува по пешачка патека, и е всушност куќа од цврста градба, со струја на соларни панели, со извор на вода, неколку плевни, опкружена со шума и богат биодиверзитет. Решив да развијам концепт на зелена идеја, со надеж дека и некои други сопственици на колиби ќе го следат мојот пример и ќе бидеме во можност да понудиме сосема поразличен концепт на одмор и рекреација“, вели Крстеска.

Сепак, Душица вели дека за идејата да се оствари, потребен е голем труд и подобрување на условите, финансиски средства и страст кон работата.

„Ние, иако сме авантуристи во душа, сепак мора да се задоволат одредени стандарди поврзани со сместувањето, но и служењето на храна во рамки на регистрирано селско домаќинство. Од аспект на останатите колиби во областа, дел од нив иако се стари се добро сочувани, најчесто немаат извор на електрична енергија, но и нема заинтересираност за подобрување на условите. Со оваа зелена идеја, целта ми е да ги поттикнам и тие да размислуваат барем малку зелено и со заеднички труд да го промовираме колибарењето на авантуристите“, нагласува таа.

Според Крстеска, моментално, туризмот во Берово се одвива во сместувачки капацитети во Абланица, во вилите на Беровското езеро, но и во градот.

„Планинскиот туризам, барем од овој вид кој што јас го застапувам е непостоечки. Сместување на планина нема, пешачки тури има најчесто по претходна резервација и во мал број, но планинскиот велосипедизам е доста застапен поради идеалните услови и патеки. Напуштените објекти полека но сигурно се распаѓаат, сопствениците не се премногу заинтересирани за зачувување на истите, а некои од нив се стари стотина години и според мене жалосно е таква историја да се уништи“, истакнува таа.

Според неа проблем е што и младото население најчесто не е заинтересирано за продолжување на традицијата на чување на стока, дел од нив поради немањето помош од поширокото семејство, а дел од нив затоа што едноставно немаат желба да работат таква работа.

Истовремено, друг проблем е и намалувањето на сточниот фонд преку кој се придонесува за намалување на производството на традиционални малешевски специјалитети како сирењето и буламачот.

Националните победници на АРНО добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консталтинг „МКА2000“. Душица Крстеска освои ваучер за консултантски услуги и ваучер од 1.500 долари од АРНО.

Преку учествување на неколку работилници, Душица денеска работи на мапирање и ставање во функција на мрежно поврзан систем на патеки за планински рекреативен туризам на Малешевските планини.

“Една од потенцијалните патеки предложени за мапирање поминува покрај нашата колиба, па истата сакаме да ја понудиме на нашите потенцијални гости, каде што покрај тоа што ќе бидат во можност да пешачат во недопрената природа, ќе бидат во можност на колибата да ги пробаат традиционалните малешевски специјалитети и истата да ја искористат и за преноќување“, вели таа.

Ивана Смилевска