„Сите сити“ за два месеци обезбеди 12.500 оброка за социјално загрозени граѓани

„Ајде Македонија“ известува дека системот за донирање на вишок храна „Сите сити“ успеа да спаси четири тона храна и со тоа да обезбеди 12.500 оброка за социјално загрозени граѓани, само два месеци по започнувањето со работа.

„Станува збор за големи количества на овошје, зеленчук, житарки, сокови, кондиторски производи, млеко и други видови на храна, која само затоа што е со пократок рок или нема побарувачка за неа на пазарот, со сигурност би завршила на депонија“, соопштува „Ајде Македонија“.

Зготвена донација

Според организацијата, интересот кај бизнисите и хуманитарните организации да се вклучат расте, а дополнително десеттици волонтери се пријавуваат после своето работно време да помогнат во дистрибуцијата на храната до социјално загрозените граѓани.

„’Сите сити’ почнува да станува двигател на хуманоста и солидарноста во Македонија. Се надеваме дека овој систем ќе ја постигне зацртаната цел да спаси 60 тони храна и да обезбеди 200.000 оброка до март 2019 година“, велат од организацијата.

Донација на домати

Инаку, системот има за цел вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите, туку да се пренамени онаму каде е реално неопходен. Воспоставувањето на првиот ваков систем „Ајде Македонија“ го создаде со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и Публицис.