Сите ограничувања врз основа на полот се отстранети од играта „The Sims”

Студиото Еlectronic Arts денес најави дека сите родови ограничувања се отстранети од популарната игра „The ​​Sims“.

Досега, видеоиграта имаше ограничувања во однос на облеката, фризурата, обликот на телото, начинот на одење и опциите за глас кај машките или женските ликови.

Сепак, со бесплатното ажурирање, кое е достапно од денеска, сите опции ќе бидат достапни за сите ликови, без оглед на нивниот пол.

Во соопштението на Electronic Arts се наведува дека целта на овој потег е да им се овозможи на играчите да создаваат ликови со кои ќе се идентификуваат, или поврзат, преку моќни алатки кои им даваат влијание над полот, возраста, етничката припадност, телото и други карактеристики.

Извршниот продуцент на The Sims 4, Рејчел Френклин, за Асошиетед прес изјави дека програмерите работеле на надградбата една година, при што се консултирале со Алијансата против клевета за геј и лезбијската популација.

Како дел од надградбата, играчите ќе бидат во можност да го променат полот на еден лик во било која фаза во играта. Играта овозможи опција за истополови односи, уште кога започна во 2000 година, а истополови бракови се достапни од 2009 година.