„Сите нè засегa“ – се одбележува Светскиот ден за борба против ракот

Под слоганот „Сите нè засегa“ оваа година се одбележува Светскиот ден за борба против ракот, 4 февруари кој има цел да промовира позитивен пристап во борбата против ракот. Одбележувањето е во организација на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ.

Како што се наведува во соопштението на Здружението, овогодинешната кампања се фокусира на избор на здрави животни стилови, обезбедување на можности за рано откривање, пристап до лекување за сите и унапредување на квалитетот на живот.

Тие имаат забелешки дека покрај тоа што постои организиран скрининг, евидентирани се повеќе недостатоци. Не постои, велат, координација меѓу различните институции извршители на програмата и не се води соодветна здравствена статистика преку која можат да се следат состојбите поврзани со малигните неоплазми во Македонија и да се процени успешноста на самите скрининг методи.

Исто така, програмата за скрининг е предмет на чести измени (најмалку два пати годишно) со што се губи континуитет во спроведување на планираните активности, се наведува во соопштението.

Во Македонија годишно во просек од рак на дојка умираат 277 жени, а од рак на грло на матка умираат 30 жени, иако, како што се вели во соопштението, и двата вида на рак можат навремено да се откријат и да се излекуваат.

Од Здружението ги повикуваат надлежните институции во Македонија да одвојат доволно средства и да подготват и усвојат програми за скрининг на рак на дојка и на рак на грло на матка соодветна на потребите во нашата земја со што би се намалила стапката на смртност од овие ракови и би се унапредило здравјето и квалитетот на животот на жените во Македонија.

Една од областите во кампањата за 2015 година е промовирање на раната детекција како клучна мерка во борбата против карциномот. Според Светската декларација за рак и Глобалниот акциски план за превенција и контрола на хроничните незаразни заболувања 2013 – 2020, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на ракот за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги ракот на грлото и на матката и ракот на дојката. Со воведување на овие методи значително ќе се намали стапката на смртност предизвикана од овие ракови, се вели во соопштението.

Од Здружението информираат дека властите секоја година усвојуваат Програма за рана детекција на малигни заболувања која предвидува скрининг за рак на грлото на матката, скрининг за рак на дебелото црево, скрининг за рак на простата и скрининг за рак на дојка.