Сите креативци на едно место – „Скопје креатива“ во Универзалната сала

Бајкери и скејтери на една, сликарска и ди-џеј работилница на другата страна на Универзалната сала каде и оваа година се одржува вториот по ред  фестивал „Скопје Креатива“, во организација на Град Скопје.

Сите креативци на едно место - „Скопје креатива“ во Универзалната сала„Ова е фестивал на креативноста и се што се случува е дело на најразлични креативни организации како и фирми кои ги презентираат своите идеи од секаков вид,почнувајќи од мебел, презентација на индиска храна, па се до бајкери, скејтери, паркур учесници. Во подоцнежните часови се одржуваат концерти внатре во салата, а ќе биде презентирана и првата македонска видео игра.“ вели Нина Миланович, еден од организаторите на фестивалот.

Целта на оваа манифестација е да се соберат сите креативци во градот за да се покаже дека постојат многу вакви луѓе кои треба да добијат можност и да ги презентираат своите идеи.

„Во младите има голем потенцијал и им е потребна само мала подршка за да го изразт тоа.  Останува на надлежните да им помогнат да ја изразат својата креативност и резултатите ќе можат да бидат многу лесно видливи,“ додаваат од организацијата

Во рамките на манифестацијата студентите од Архитектонскиот факултет создадоа уникатен дизајн на познатата фонтана пред Универзална сала, насловен како „Скопска Метаморфоза“ со кој е илустриран урбаниот развој на скопските маала изградена од тим од единаесет учесници од самиот факултет и мала подршка од институциите.

„Како презентатори со своето искуство сакаме да им го предадеме својот став за урбаниот развиток на скопските маала и да им дадеме можност на младите и општо на сите да заземат свој став за истата тематика и даваме инспирација за тоа како може да изгледа. За се треба само добра воља.“ вели една од учесничките на „Скопска метаморфоза“.

Според организаторите посетеноста од страна на уметници,  архитекти и презентери од секаков вид е многу голема, додека учесниците сметаат дека сепак овој настан треба да биде повеќе посетуван од страна на граѓаните.

„Скопје креатива е одличен начин да се претстави било каков тип на бизнис, а со тоа ќе им бидеме достапни на многу луѓе, така да ние се обидуваме на секој можен начин да им се претставиме на нашите клиенти. Од организацијата сме задоволни поради тоа што организаторите уште од самиот почеток кога не поканија се трудат и се од доста голема помош, но посетеноста од страна на народот може да биде и подобра.“ смета Кристина,  претставник на индискиот ресторан Пикокс.

Скопје Креатива ќе трае до недела. Сите работилници  три дена ќе создаваат производи, конкурентни на пазарот кои ќе бидат презентирани на завршната манифестација на 12 октомври.

Наталија Јосифоска