„Сите ќе умреме“ – трагикомичен документарец за гробарскиот бизнис во Штип

„Сплетки и интриги колку има во гробарството, синки мислиш си во некој дворец, некое кралство“

По Дионис од „Avec L’amour“, Атиџе од „Медена земја“, Ли од „(Вон)земјанинот Ли“, македонската публика во недела на 23-ти август, преку „Македокс“ – фестивалот за креативен документарен филм, ќе се запознае со искрената, но и бизарна приказна на штипјанецот Зоран Сичев – Сиче.

Снимен во периодот помеѓу 2016 и 2019 година, краткиот документарен филм „Сите ќе умреме“ ја обработува капиталистичката страна на смртта, преку ликот и делата на Сичев, сопственик на една од тогашните три погребални штипски служби.

Потешкотиите при одржување на локални бизниси во внатрешноста на Македонија, прави сопствениците да се борат со државната, донекаде и политичка монополизација, па тие се снаоѓаат со инвентивни начини за справување со нелојалната конкуренција.

По долги години во гробарскиот бизнис, Зоран се чуствува исцрпен од природата на неговата работа, но и бизнис интригите кои за заработка го лишуваат „последното заминување“ од секакво достоинство.

Режисерот и сценаристот Мицески ја поткрепува личната приказна на Сичев со прилози од македонските медиуми кои обработуваат конкретни случаи криминалот во гробарството, кој иако систематизиран, останува занемарен од јавноста поради морбидноста која го обвива.

Темата на смртта е дополнета со пејсажи од цркви, гробишта и природата на штипската околија, кои во себе ја содржат естетиката на руралното, но и народното преку ведриот нарав на Сичев, кој како неуморен бизнисмен бара нови начини за дигитално промовирање.

Спојот на темнина во визуелизацијата, хуморот кај ликовите и разиграна филмска музика со примеси на „dark cabaret“ и фолк, го прават „Сите ќе умреме“ компактно „spooky“ издание во кое се препознава жанровското влијание на Мицески од темната фантазија.

„Сите ќе умреме“ со својата тежина не е докрај црна комедија, но филмот лесно ќе се поврзе со публиката поради човечноста во пристапот, што е еден од најважните елементи кај документаристиката.

Официјалниот постер за „Сите ќе умреме“

Режисер и сценарист на краткометражниот документарен филм „Сите ќе умреме“ е  Сашко Потер Мицески, автор и на документарецот „(Вон)земјанинот Ли“.

Во продукција на „Хауском“, на филмот работеа млади таленти од домашната филмска фела, како и автори од Велика Британија, а како продуцент се јавува Илија Тирицовски.

Македонската премиера на „Сите ќе умреме“ ќе се одржи на 23 август со почеток во 21 часот, како дел од програмата „ShortDox“ на „Македокс“. На премиерата ќе гостува и Зоран Сичев – Сиче, човекот што е пријател и на животот и на смртта.

Ивана Смилевска