„Сите бои на љубовта“ – индивидуалност и креативност на децата со аутизам

„Сите бои на љубовта“ е насловот на изложбата која ќе биде отворена денеска во 14:00 часот во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, а по повод Месецот на аутизмот.

Од Националната галерија известуваат дека преку едукативното одделение во текот на годината се организираат настани и изложби на најмладите уметници.

„Ставаме акцент токму на ранливите групи и постојано се залагаме за што поголема нивна инклузија во секојдневното живеење“, велат од Националната галерија. Делата кои публиката ќе има можност да ги види во рамки на оваа изложба, биле изработени на работилници на кои присуствувале повеќе деца со аутизам.

„Неверојатно добро чувствување на боите, како и нивно одлично комбинирање, создадоа многу оригинални и необични дела низ кои ни покажуваат како тие го доживуваат светот на еден свој, поинаков начин. Секое дело поседува специфична индивидуалност, тоа може да биде немирно или одмерено, апстракно или конкретно, но во секое од нив може да се види љубов, радост, позитивна енергија. Неизмерно им благодариме на децата и на нивните родители што ни дозволија да го видиме нивниот магичен свет и барем за момент да го разбереме“, пишува Маја Димитрова во каталогот за изложбата и додава дека целта и идејата за оваа активност е подигнување на јавната свест и зголемување на одговорноста кон овие лица, како и нивна инклузија во сите сегменти на нашето живеење.

Од Националната галерија, пак, додаваат дека и во иднина планираат бројни слични настани:
„Аутизмот не е болест туку состојба. Тој нема граници, им се случува на луѓето од различни раси и религии. Бројот на аутистични деца е сè поголем. Во таа насока сите ние треба да се залагаме за подобрување на правата и заштита на лицата со аутизам и нивните семејства“.

Изложбата е организирана во соработка со Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“.