Сирискиот оркестар ќе одржи концерт со Damon Albarn во Лондон

Членовите на Сирискиот национален оркестар за арапска музика (SNOAM) пребегнале во други земји низ светот поради војната, но повторно ќе се соберат за концерт во Лондон заедно со коосновачот на Gorillaz, Damon Albarn.

На 25-ти јуни, оркестарот воден од диригентот Issam Rafea ќе настапи во Southbank Centre. Оркестарот кој брои 90 членови има настапувано со Albarn во Домот на опера во Дамаск во 2009 година, а имаат гостувано и на албумот на Gorillaz, Plastic Beach.

Поради граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година, Rafea и многу други членови побегнале од земјата. Лондонскиот концерт, кој се планира да биде прв од серија настани, ќе биде нивен прв настап заедно оттогаш.

„Сириското општество е уништено како резултат на конфликтот. На настапот на Сирискиот национален оркестар на арапска музика, луѓето ќе ги претставуваат двете страни на војната, и на сцената и во публиката“, вели Rafea, кој живее во Чикаго од 2013 година. „Но, сите сме согласни дека сакаме да заврши. Овој концерт е прекрасна можност да му ја покажеме на светот другата страна на сириската приказна – радост и славење на нашата музика и култура. Не сме свиреле заедно долго време, затоа со нетрпение очекуваме прекрасна ноќ во Southbank Centre ова лето“.

„Ова ќе биде прекрасно обединување. Навикнати сме да ја гледаме Сирија преку призмата на вестите, па овој концерт ќе понуди сосема друга перспектива“, вели Albarn.
Оркестарот исполнува традиционална арапска музика и експериментална музика основана на традиционални форми.

„Навистина е чудесен звукот кој го создаваат. Има цел хор, жичани инструменти и неверојатна перкусија. Се работи за динамичен и весел звук, кој остана со мене сиве овие години“, вели Albarn.

„Тешко е да ги изразам моите чувства. Добро е што сега ја имаме оваа можност да се собереме повторно“, вели Rafea за Radio 4, a пренесува Guardian.

Оркестарот е формиран во 1990 година, а Rafea е негов главен диригент од 2003 година.