Сириски уметник наслика познати дела на уметници од Западот врз бомбардирани згради

Сирискиот уметник Тамам Азам зборува за сириската криза на поинаков начин – преработува ремек-дела од познати уметници од Западот врз бомбардираните згради.

Со овој проект, Азам сака да привлече внимание кон сириската трагедија. Неговото најпознато дело „Freedom Graffiti“, ја прикажува добропознатата слика „Бакнежот“ на Густав Климт, насликана врз бомбардирана зграда во Сирија.

„Ја избрав оваа слика како икона на љубовта, како начин на гледање на приказните за љубовта зад овој ѕид кој е сосема разурнат од воената машинерија“, вели тој.

Азам, кој е еден од уметниците кои учестуваат на изложбата на Dismaland на Banksy, во своите преработки вклучува и познати дела на Матис, Гоја и Дали. Вели дека има „елемент на критика“ во неговата употреба на најпознатите примероци од западната ликовна уметност, но главен акцент става на потребата да покаже дека „сите сме граѓани на истиот свет“.

Освен за Dismaland, Азам донирал свои дела и за изложбата ART4PEACE во Лондон. Меѓу нив се најде и сликата од бомбардирана зграда во Сирија, која е пренесувана со балони пред една од Кулите близначки.

„Овој настан е еден од најдраматичните и најтрагични настани во блиската историја, но недостатокот на емпатија и акција за другите терористички дела и хуманитарни катастрофи низ светот ме загрижува“, вели за делото.

„Емпатијата не смее да биде ограничена само за развиените земји“. Азам заминал од Сирија и сега живее во Дубаи. Се надева дека интернационалната заедница ќе направи повеќе за да им помогне на сириските бегалци.