Сириецот заглавен на малезискиот аеродром доби азил во Канада

Сириецот кој помина околу седум месеци на аеродром во Малезија, добил азил во Канада. Несреќата на Хасан ал-Контар доби светско внимание кога почна секојдневно да објавува видеа од меѓународниот аеродром во Куала Лумпур.

37-годишниот Контар, ги помина последните два месеци во притвор во Малезија, а неговите канадски спонзори се обидоа да го забрзаат решавањето на неговиот случај. Тој требаше да слета во Ванкувер, Канада, во понеделникот попладне по локално време.

Две организации, Муслиманската асоцијација на Британска Колумбија и Канада- грижливо општество, го спонзорираа да дојде во Канада како бегалец.

Лори Купер, волонтерка од Канада, за ББЦ изјави дека бегалецот доаѓа во Канада.

„Ни олесна, речиси е неверојатно”, рече таа. „Додека не го прегрнам на аеродром, се уште не е навистина реално. Ова беше долго, долго патување со многу подеми и падови”.

Неговиот адвокат, исто така, потврди дека му е одобрено преселување во Канада и е тргнат на пат.

Купер изјави дека Контар и пишал пред да влезе во авионот дека едвај чека да ја види.

„Неговата ситуација е само приказ на предизвиците со кои се соочуваат сите бегалци низ целиот свет”, рече таа.

„Се потешко и потешко им е да најдат сигурно место за живеење. Тој е еден од среќните”.

 

Организациите соопштија дека луѓето од целиот свет помогнале да се соберат средствата за да го донесат  Контар во Канада. Федералниот оддел за имиграција во Канада одби да потврди или да негира дека Контар доаѓа во Канада, наведувајќи ги законите за приватност.

„Иако не можеме да коментираме за поединечни случаи, секоја апликација е разгледана на правичен начин, врз основа заслугите”, се вели во изјавата.

Голем број организации за човекови права го застапуваа случајот на Контар , а онлајн петицијата што ја покрена канадското здружение, со барање од министерот за имиграција на Канада да му дозволи да влезе во земјата, собра повеќе од 62.000 потписи.

Контар работел во бизнисот со осигурување во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) кога во 2011 година изби војната во Сирија. Тој не можел да го обнови пасошот бидејќи дома не ја завршил воената служба, но не сакал да се врати, стравувајќи дека ќе биде уапсен или принуден да и се придружи на војската.

Така, тој останнува незаконски во ОАЕ, но е уапсен во 2016 година. Во 2017 година успеал да добие нов пасош, но на крајот бил депортиран во Малезија. Таа е една од ретките земји во светот која им дава на Сиријците безвизен влез при пристигнувањето. Тој доби тримесечна туристичка виза.

Кога таа истече, се обиде да оди во Турција, но не му беше дозволено да се качи во авионот. Тргна кон  Камбоџа, но беше вратен назад.

Тој помина неколку месеци во неизвесност, живеејќи на аеродромот во Куала Лумпур и хранејќи се од храната донирана од персоналот на авиокомпанијата. Аплицираше за азил и во Еквадор и Камбоџа, но беше одбиен.