Сириецот кој храни бездомници во Германија: Ќе се вратиме штом ќе заврши војната

Сирискиот бегалец Алекс Асали кој на јавноста и стана познат откако почна да дели бесплатни оброци за бездомниците во Берлин, вели дека луѓето не треба да се плашат од оние што доаѓаат од земји со воени жаришта и притоа бараат азил. Тој за RT изјави дека тие народи само сакаат мир се додека не заврши војната во Сирија.

Голем дел од паричната помош што ја добива од државата, Асали ја дава за приготвување на оброци. Оваа хуманитарна акција претставува негов начин да изрази благодарност што Германија му понудила засолниште од конфликтот во неговата татковина.

Тој е компјутерски инженер, но се уште не може да најде работа во државата во која престојува речиси една година. Тој преживува со 450 евра што државата му ги дава како бегалец. Со овие пари, тој ги купува состојките и со уште неколку волонтери ја приготвуваат храната и ја носат во Берлин.

„Парите ги давам од свој џеб. Од Центарот за работа добивам околу 450 евра и заштедувам 100 евра за овој проект, така што секоја сабота давам околу 20 до 30 евра. 350 евра се доволни за мене и можам да преживеам со нив“, вели Асали.

Германија стана негов дом во 2014 година, откако побегнал без пасош од Сирија во 2007 година, живеејќи неколку години во Либија.

Државата во периодот се справува со проблемот да најде доволно простор за да згрижи еден милион бегалци, кои се очекува да пристигнат до крајот на годината. Во меѓувреме, тензијата против бегалците расте кај населението во земјата. Мигрантите пристигнуваат во држава каде има силна ксенофобија, како што е антиисламското движење „ПЕГИДА“.

Сепак, германската канцеларка Ангела Меркел неодамна изјави дека границите на Германија се уште се отворени за овие луѓе. Нејзината изјава наиде на остра осуда од антиисламските движења, кои побараа да си поднесе оставка. Асали сепак останува на ставот дека бегалците не претставуваат опасност и дека само бараат засолниште додека не добијат шанса да се вратат дома.

„Откако ќе заврши војната во Сирија, сигурен сум дека ќе се вратат, бидејќи ние имаме многу богата држава. Ние не сме сиромашни“, посочи Асали.