Синоќа беше отворено седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“

„Убаво е вечерва да се биде меѓу љубители на книгата, писатели и воопшто меѓу луѓе што ја сакаат литературата“, рече во своето обраќање Џулијан Васало, заменик-амбасадорот на ЕУ на синоќешното отворање на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“. Седмото издание на фестивалот се одржува во киното „Фросина“ во МКЦ, а ќе трае до петок, 15 октомври.

„Европската Унија со задоволство го поддржува овој фестивал затоа што во фокусот ја има литературата, која има збогатувачка моќ кога станува збор за културната разновидност, а која од друга страна пак е во сржта на целите што пред себе ги има Европа. Токму писателите, оние како Херман Хесе и Виктор Иго, ја предвидоа иднината на Европската Унија, положувајќи ги своите надежи во идејата за Европа, која може да се гордее со својата разновидност. А тоа го прави и овој фестивал значаен. Тој обединува автори од земји членки на Унијата, но и земји што се кандидати за овој статус, поставувајќи прашања што нѐ мачат сите подеднакво, како на индивидуално така и на колективно ниво. Книжарницата на тркала на „Антолог“, што ја обиколува Македонија и ја прави книгата достапна за сите, беше добро загревање пред почетокот на фестивалот“, рече заменик-амбасадорот Васало.

Првата фестивалска вечер беше посветена на писателката Катарина Винклер од Австрија, а пред промоцијата на нејзиниот роман „Модар накит“, преведен и објавен на македонски јазик во издание на „Антолог“, се обрати и австрискиот амбасадор Георг Вуцас, кој го најави настанот како „возбудлива вечер за европската и австриската литература“. Романот „Модар накит“, како што кажа и самата авторка на претставувањето, е потресна приказна за семејното насилство, која е базирана на вистински настани. Книгата ја промовираше Калиа Димитрова, а модераторка на настанот беше Ана Василева.

„Девојката што е всушност главен лик во романот лично ми ја раскажа својата приказна. Имав снимено материјал од шеесет часа, но ми требаа десет години за да се осмелам да ја ставам приказната на хартија. Книгата поттикнува емпатија, а тоа е и една од главните цели на литературата, воопшто. Исто така ги урива и клишеата и предрасудите дека насилството се случува само во одредедни средини. Немав намера да поттикнам реакции, но сепак мислам дека позитивните политички промени доаѓаат токму од емпатијата“, рече Винклер во своето опширно претставување на книгата.

По неа беше промовирана најновата книга „Viola arsenica“ на еден од најважните и најценети македонски автори, Влада Урошевиќ. Кусо претставување на делото и разговор направија Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а извадоци читаа Ана Голејшка-Џикова и Иван Шопов. Овој настан беше организиран во соработка со МАНУ и издавачката куќа „Готен“, чие издание е делото.

„Книгата е раскошен мозаик од луцидни согледби за поезијата. Содржи шеесетина текстови што се создавани во последните шест децении. Овој џиновски колаж од жанровски различни текстови, обединети околу поезијата, се состои од пригодни беседи за поезијата, компаративни студии, ретки илустрирани анегдоти, мајсторски раскажани приказни и сведоштва за писатели и уметници, делови од коресподенција, песни од одредени поети… Оваа мини антологија се чита во еден здив, но истовремено е и книга што се чита многупати, ретка книга во денешната хиперпродукција. Урошевиќ успева да изненадува и преку јазикот што го користи но и преку темите и прашањата што ги поставува, а првото е секако: Што е тоа поезија? Тој вели дека поезијата ја сфаќа како врска на сѐ во природата, што е впрочем и лајтмотив на книгата“, рече Мартиновски во своето претставување на делото.

Професорот Влада Урошевиќ се заблагодари на промоторите и го раскажа процесот на настанувањето на „Viola arsenica“.

„Кога ја составував оваа книга не сакав да направам учебник за тоа како се пишува поезија, напротив сакав да кажам дека поезија се пишува на безброј начини. Ова не се упатства за пишување поезија, воопшто и не сакам да давам совети затоа што она што денес изгледа поетично, утре може да биде банално“, рече Урошевиќ.

Издавачката куќа „Антолог“ оваа година пред македонската публика успеа да донесе дури осум европски и еден домашен автор. Сите автори се лично присутни во Скопје и во наредниве денови ќе бидат поединечно претставени пред публиката на фестивалот.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Градот Скопје, Амбасадата на Австрија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Полска, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар, Друштвото на писатели на Македонија и Глобал такси.