Синоќа беше отворен Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“

„Се радуваме што по две години повторно сме во Македонија. Посебно ни се драги младите од Македонија кои се наши учесници на „Џифони Италија“. Тие се секогаш најактивни, се истакнуваат по елоквенција и оригиналност. Повторното доаѓање во киносалите е знак на нов почеток и нешто што многу ни недостига. Културата не смее да ја снема, што и да се случува во светот, таа ни треба. Ви посакувам убав фестивал“, истакна Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони Експериенс“, синоќа на отворањето на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во киното „Фросина“.

Фестивалот беше отворен со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“. Извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башески се заблагодари на поддршката од оријателите на фестивалот, како  Агенцијaта за филм, Министерството за култура, „Џифони Италија“, но и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Не скративме програма, а вклучивме и деца од другите градови, преку тн. хабови, за што ни помогна Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Пред точно десет години прв пат во 2012 година токму овде паднаа првите разговори за „Џифони Македонија“. Ова е многу емотивен момент за мене“, рече Башески.

Преку зум-врска, присутните во салата ги поздрави и Клаудио Губитози, основачот на фестивалот. Тој истакна дека „Џифони Македонија“ е единствената меѓународна активност што годинава е поддржана од нивна страна.

„Македонија е единствената земја во која годинава е поддржан концептот на „Џифони“ надвор од Италија. Јас му честитам на тимот на „Џифони Македонија“ за сè што прават овие години. Младите од Македонија се дел од големото семејство на Џифони и имаат важно место таму. Во пандемијата сфативме колку ни фали близината, прегратките, насмевките. И во 2022 година ќе почнеме нов пат на Џифони и ќе се концентрираме на овие вредности повеќе“, рече Губитози.

Присутните ги поздрави и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и амбасадорот Андреа Силвестри, кој ја најави Неделата на италијанскиот јазик, годинава посветена на големиот италијански поет Данте Алигиери.

Инаку, денеска веќе почна работата на првиот фестивалски ден. Во Младинскиот културен центар и во Кинотеката џифонците ги гледаат првите филмови и почнаа со работилниците што ги избраа.
Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри во 16 часот ќе одржи предавање на тема дали цртаните и стрипот можат да се користат во пропаганда? Веднаш потоа Розарио Минервини, селектор од „Џифони Експериенс“ ќе одржи предавање за тоа како се прави селекција на филмови за фестивал. Денешната програма ќе заврши со презентација на odas.mk, за што ќе зборуваат Анисија Угриновска и Филип Најдовски.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.