Сингапур планира да го укине пристапот до интернет за владините агенции

На државните службеници во Сингапур би можел да им се забрани пристап до личната електронска пошта ако во иднина се имплементира предлогот да се укине пристапот до интернет за овие луѓе, како одбрана од потенцијални сајбер напади.

Идејата е дека оние компјутери кои не се приклучени на интернет не можат лесно да бидат нападнати од хакери. Ова, исто така, го отежнува, но не го прави невозможно, протекот на чувствителни информации.

Потегот, кој се очекува да стапи во сила од мај, е критикуван од експерти за безбедност, кои сметаат дека мерката е премногу рестриктивна со оглед на тоа дека одлуката не е донесена како резултат на некаков напад врз системот на Сингапур.

Но, според фирмата за безбедност FireEye, организациите во јужна Азија се 80 отсто повеќе ранливи на хакерски напади во споредба со глобалниот просек. Исто така, бројот на сајбер нападите е во пораст.

Според компанијата за софтвер и безбедност Malwarebytes, речиси две петини од бизнисите во САД, Канада, Велика Британија и Германија, биле мета на вируси. Речиси 80 отсто од фирмите во САД претрпеле некаков вид на сајбер напад минатата година.

Дејвид Кох, извршен директор на новата Агенција за сајбер-безбедност вели дека одлуката претставува мерка за безбедност која не се разликува од мерките кои се спроведуваат во другите министерства. Исто така, појасни тој, оваа мерка не значи дека ќе има целосно укинување на интернетот за вработените во владините тела, односно вработените и понатаму ќе имаат пристап до интернет на лични, или службени уреди.