[Синедејс рецензија] „Светот е мој“ – поглед кон амбисот со тинејџерски очи

Лариса (Ана Мариа Гуран) е 16-годишна средношколка во Романија, за која уште од првиот кадар знаете дека нема да си пројде добро во филмот. Мајка и е во беспарица, очувот е подготвен да ја претепа или полошо, а дечкото кој и се допаѓа има љубоморна бивша и лоша репутација. Целото сценарио е рецепт за една совршена бура, која Николае Константин Танасе, режисерот, ја сервира пред публиката со самоувереност типична за некој кој знае што сака да каже.

„Светот е мој“ е филм за моќта, за тие кои ја имаат, тие кои ја сакаат и тие кои не можат да ја добијат. Лариса спаѓа во третата категорија. Во текот на скоро целото дејство се движи гордо и исправено, пркосејќи на социјалната хиерархија, на правилата кои велат дека мора да прави вака или онака, мора да се потчини на побогатата соперничка, мора да биде жртва на домашното насилство, на сиромаштијата.. На тој начин, симболички, нејзиниот пркос е моќен. Сепак, на неколку моменти, Танасе ја деконструира и ни ги покажува сите нејзини рани, сите нејзини сосема човечки недостатоци. Како некое мало бротче залутано во бура, Лариса плови спроти ветрот и брановите, кои, знаеме, порано или подоцна ќе ја совладаат. Лариса има сила и пркос, но нема моќ да ја промени насоката на сопствената иднина наспроти надојдената плима на судбината. Тоа ја става во контраст со другите ликови во филмот, кои, како многу подобро да ја разбираат формулата и правилата на игра.

Во неколку сцени, водата се појавува како визуелна алегорија на (не)моќта . Кога Лариса седи на пристаништето со пријателките и фантазира за Флорин, дечкото во кој е заљубена, или кога во гнев ќе го преврти аквариумот на директорот на нејзиното училиште. Водата ја прикажува кобната тежина која надоаѓа и се заканува да ја потопи Лариса. Водата го покажува текот на општеството, аморфно, вискозно и бесчувствително кон тие кои не пловат во иста насока.

Вториот клучен елемент на коментарот е конзумеризмот, желбата да се поседува. Песните кои се проткајуваат низ целата приказна ни говорат за колите, за богатството, за сништата кои се купуваат и продаваат на цела една генерација на деца родена во пост-комунистичките општества, кои и тоа како го прифаќаат капиталистичкиот идеал на нивните западни соседи. Лариса и нејзините врсници се постојано окупирани со тоа како изгледаат и како се претставуваат пред другите. После една жолчна расправија, Лариса се извинува на пријателките неколку пати, но тие конечно го прифаќаат извинувањето откакотаа за нив купува едно шише виски. Танасе ги посочува симптомите на болеста без ниту едно влакно на јазикот.

Целиот поглед на публиката е одлично врамен со тесните кадри на кинематограферот Даниел Косут, кој воведува постојано присуство на тензија во филмот. Лицето и приликите на Лариса се постојано во фокус, а погледот на камерата се оттргнува од неа или дозволува во кадарот да влезе уште некој само во исклучителни прилики. Овој пристап дозволува да се пренесете во телото на субјектот, но е и голем предизвик за актерот, чие што однесување е постојано „под лупа“ на публиката. Со својот тивок интензитет, Ана Мариа го оживува ликот на Лариса , која покажува и чувствува многу повеќе отколку што кажува. Нејзината тишина и изразите на нејзиното лице вредат можеби и повеќе од нејзините зборови. Нејзината ранливост е многу потрогателна и токму поради сите лични маани, кои ја прават многу почовечна и публиката ја потсетуваат дека пред неа сепак стои само 16 годишна девојка, со сите каприци, несигурности и чувството на неповредливост типично за таа возраст.

Можеби најголемиот успех на Танасе е во тоа што преку Лариса, која во нечиј друг филм би била антихерој или само инструмент преку кој се пренесува пораката на авторот, создава еден колаж на случки, во кој секој од нас, помлад или постар, може да се препознае. Недостатокот на пари, проблеми во семејството, расправии со родителите, неодговорена љубов, одлуките кои ги носиме и нивните последици се секодневица со која сите се судираме. Не можете а да не се соживеете со неа, а ударите на судбината кои паѓаат на неа да одекнат и во вас.

Атанас Димитров