[Синедејс рецензија] „Престапниците“ – водич за преживување во свет на скршени луѓе

Во светот на Хелен Волш (сценарист и режисер), секој има своја цена и зад секое ветување има задна намера. Шели (Лорен Меквин) е тинејџерка кое живее во запуштен кварт во неименуван град во Северна Англија, која мора да се грижи за своите двајца браќа. Таткото е во затвор, додека мајката ги има прекинато сите контакти со нив. Препуштено само на себе, семејството на Шели лута – постариот го поминува денот во безделничење, помладиот оди на школо, но во слободно време и помага на Шели во ситен криминал. Нивното секојдневие го прекинува фактот дека таткото, против кој имаат сведочено, излегува порано од затвор. Шели, во меѓувреме, се запознава со два нови лика – Мајкл (Стивен Лорд), лихвар кој живее на сметка на мизеријата на малиот кварт, и Рејчел (Броган Елис), богата девојка која „случајно“ се среќава со неа. И двајцата и нудат пријателство и заштита на Шели, но брзо дознаваме дека ништо не е бесплатно.

Уште од самиот почеток, преку погледот на камерата разбираме дека Шели е помалку субјект, а повеќе објект во светот на Волш. Практично еднаков број на сцени е посветен на ликот на Шели колку и на нејзиното тело или неговите аспекти. На овој начин, со сексуализација и фетишизација, јасно ни е дадено на знаење дека на Шели и е доделена улогата на нешто што може да се купи и продаде, кое може да се манипулира или поседува. Токму тоа се обидуваат и да го направат Мајкл, Рејчел и повеќето други ликови, со помал или поголем успех. Во неа секој гледа некоја своја варијанта на панацеа – лек за сите болести. Понекогаш и Шели ја прифаќа оваа улога и ја превртува во своја корист, како во моментот кога на Мајкл му ветува одредени „услуги“ ако тој го реши трајно проблемот со нејзиниот татко, кој ги бара своите деца за да им се одмазди затоа што сведочеле против него.

Богати, колоритни сцени го прекршуваат очекувањето на сивина и распад кое често се врзува со вакви филмови и даваат чувство на нежност, кршливост на просторот и ликовите. На неколку наврати публиката е почестена со одлично темпирани тивки, лични сцени, кои како да ги отвараат ликовите пред нас – прошетките на Шели по доковите, утринското џогирање на соседот кој се подготвува за служење војска, изгубениот поглед на Рејчел додека стои спроти заложилницата на Мајкл, со поглед на човек кој изгубил се во животот. Одлично дополнување е изборот на музика – релаксирана, скоро небесна во својата леснотија.

Ако аудиовизуелниот пристап е вкусен, таму каде филмот се колеба е сценариото и самата актерска игра. Некои од најдобрите сцени се одлично изградени – публиката мора да слуша меѓу редови и внимателно да ја следи интеракцијата за да дознае што навистина се случува зад зборовите на ликовите. Од друга страна, некаде на половина од филмот, има забележителна промена на темпото и се губи кохезијата на целото дејство, па гледачот е присилен се повеќе да прогледува низ прсти на неверојатноста на неколку лошо сценирани случајности. Драмата трпи и од недостигот на време да се развијат карактерите и мотивациите на дел од ликовите, вклучувајќи ги тука и Шели и Рејчел. Ова е особено забележливо кај Рејчел, која најчесто изгледа премногу еднодимензионална. Дополнително, во обид поубедливо да се покаже психолошката растроеност на Рејчел, Броган Елис користи само две варијанти на израз на лицето: депримиран и подепримиран. Од друга страна, светла точка на филмот е дефинитивно Стивен Лорд – неговиот портрет на Мајкл е комплексен, мрачен и насетуваме дека зад неговиот лик има комплексност – до тој степен што може да помислите дека тој е главен лик во филмот наспроти Шели. Разбираме дека и тој самиот е растргнат меѓу желбата да биде заштитник на Шели и потребата да владее со неа, две контрадикции кои тој не успева да ги разреши ни до крајот на филмот.

Престапници“, како и ликовите во него, не е без маани. Има свои подеми и падови, свој зенит и надир. Во целата таа варијација на квалитет, некаде на пола пат меѓу восхитот и разочараноста, ако само малку повеќе се потрудите, ќе најдете филм со карактер и идентитет. Како и во светот на Волш, и тука важи правилото дека нешто, сепак, е подобро од ништо.

Атанас Димитров