Синдикатот за култура утре ќе одржи предупредувачки штрајк

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) утре најавува еднодневен штрајк поради, како што велат, непотпишување на колективен договор кој го очекуваат одамна.

Од СКРМ нагласуваат дека не добиле одговор од Министерство за култура, најпрво по ветување за потпишување на колективниот договор до крајот на 2018, а сега и до крајот на 2019 година.

„Вработените во културата се речиси 15 години без социјални права, со огромни разлики во платите и субјективна валоризација на трудот. Ускратени им се правата на додатоци на плата и надоместоци на трошоци поврзани со работатата. Потсетуваме дека нивелацијата беше само преоден чекор кон колективниот договор, кој сам по себе не претставува покачување на платите туку нивно конечно уредување согласно Законот за работните односи“, соопштува Синдикатот.

Од таму нагласуваат дека колективниот договор ќе биде фундамент на социјалните односи и штит на социјалните права.

„Токму тоа го барат вработените во културата кои се целосно маргинализирани, а нивните права секојдневно се газат од државата која согласно Уставот би требало да биде социјална, а не да се однесува како суров капиталист“, стои во соопштението од СКРМ.