Синдикатот на компанијата „Југохром“ бара нова средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат оттаму, сè уште ништо не е реализирано од претходниот состанок помеѓу нивните претставници и Владата, што се одржа на 18 јуни оваа година, пренесе Мета.
Од синдикатот велат дека сакаат да бидат информирани од премиерот за „моменталната состојба и за неговото видување на статусот на комапнијата“, бидејќи, како што се додава во соопштението, синдикатот бил под притисок од вработените во „Југохром“, кои бараат организирање протести.
„На одржаната средба со Вас и со Кочо Анѓушев беше договорено дека Вие ќе преземете активности за одржување средба со сопственикот на компанијата и со невладините организации, за повторно да се разгледаат и да се најдат начини за фабирката да почне со работа. Бидејќи помина подолго време, а сме под силен притисок од вработените во „Југохром“ за организирање протести, бараме да одржиме средба на која би нè информирале за моменталната состојба и за вашето мислење за статусот на компанијата. Ве молиме бараната средба да биде одржана во најкраток можен рок, односно уште во текот на оваа недела“, стои во соопштението од синдикатот на „Југохром“.
Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“ велат дека не успеале навреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.