Симона Чаминска, Глобална недела на претприемништво: На студентите им е потребно практично искуство

Од 18 до 24 ноември, во повеќе градови низ Македонија ќе се одржи Глобалната недела на претприемништво (Global Entrepreneurship Week). Станува збор за бројни настани, активности и натпревари кои секој ноември инспирираат учесници и посетители да го истражуваат својот потенцијал како претприемач и да ја зголемуваат соработката во рамките на нивните екосистеми. За целта и активностите на манифестацијата, разговаравме со Симона Чаминска, која е вклучена во нејзината организација.

За кои теми ќе се зборува на Глобалната недела на претприемништво?
Секоја година, ГНП обработува различни теми со цел носење на потребните заклучоци со кои би се помогнал и забрзал развојот на екосистемите, а со тоа и зајакнала соработката меѓу различните засегнати страни од областа на претприемништвото. Овогодинешните четири глобални теми на ГНП се образованието кое треба да се дизајнира со цел да поттикнува претприемачко учење и однесување од најрана возраст, соработка на екосистемот особено на страната на локалните заедници, инклузивноста на сите категории на граѓани во водењето бизниси, како и креирањето политики од страна на лицата вработени во јавниот сектор кои треба да имаат темелни и конкретни познавања за потребата од екоистсмот во кој живеат, со цел носење на соодветните и потребни заклучоци, кои потоа би се преточиле во соодветни политики.

Со какви искуства ќе се стекнат младите кои ќе учествуваат на Глобалната недела на претприемништво?

Разновидноста на програмата која ја нуди ГНП, ќе овозможи на младите кои ќе ги посетат настаните да се стекнат со повеќе информации за тоа што е актуелно во доменот на четирите глобални теми на неделата, но и претприемништвото генерално. Најголем дел од настаните предвидуваат можност за вмрежување или т.н. бизнис нетворкинг, каде ќе имаат можност за размена на бизнис идеји, дополнителни контакти и договорат идни средби. Воедно, присуството на голем број гости од странство ќе им ги прошири видиците во однос на други пазари и можности.

Кој е најголемиот предизвик за младите претприемачи во нашата држава?
Според последното истражување на Асоцијацијата Стартап Македонија за поврзувањето на македонскиот стартап екосистем од 2018 година реализирано во соработка со Startup Commons, Swiss EP и Проектот за развој на деловниот екосистем на УСАИД, најголем дел од стартапите се наоѓаат во фазата продукт/маркет фит каде ризикот од неуспех е многу висок заради што е потребно итно наоѓање клиенти и околу 66% од стартапите го сметаат финансирањето како главен предизвик, додека пак инвеститорите сметаат дека стартапите генерално не се подготвени за инвестирање. Оттука, институционалната поддршка која може да се обезбеди преку постоење на акцелерациски и инкубациски програми и која предвидува финансиска помош, може да се смета како најголем предизвик за младите претприемачи.

Како може да се постигне поголема соработка помеѓу бизнис секторот и студентите?
За да се постигне релативно едноставна транзиција меѓу студирањето и наоѓањето работа, на студентите им е потребно остварување на практично искуство за време на студиите, како што е тоа пример во земјите на запад, познато под името internships, traineeships и слично. На овој начин, младите стекнуваат практични искуства и се запознаваат со деловното опкружување многу порано. Дополнително, постојат разни форми на воспоставување на соработка и тоа: стипендирање, еднотрајни проекти кои воспоставуваат релации меѓу студентите и бизнис секторот, финансирање на студентски натпревари и идеи и слично.

Дали македонската бизнис сцена е отворена за млади претприемачи?
Генерално, македонската бизнис сцена нуди можности за посетување на разни програми од едукативен карактер, а постои простор и за поголемо спроведување на менторски програми од страна на повеќе организации. Исто, отвореноста за соработка и можностите за финансиска помош на институциите како што е Фондот за иновации и технолошки развој се охрабрувачки за младите кои сакаат да започнат свои бизниси во Македонија. Воедно, една опција која младите претприемачи, а особено стартапите можат да ја размислат, е членувањето во стопанските комори. Токму оваа тема ќе биде разговарана на првиот настан со кој ќе започне ГНП, во организација на АмЧам Македонија, со цел доближување на концептот на членства во комори и негови поволности за младите претприемачи и одговарање на отворени прашања.

Кои мерки треба да се воведат за да има прогрес во полето на претприемништвото за млади?
Во неколку главни градови на други држави, постојат многу отворени coworking простори каде младите претприемачи може да користат простории, организациите од екосистемот да прават настани и средби со што ќе се овозможи размена на контакти и слободен idea-flow. Дополнително, може да се спроведат разни даночни стимулирања и посебни програми за менторство и поддршка, како и да се размисли за воведување на канцеларии за административна помош.

За крај, кои настани во склоп на Глобалната недела на претприемништво им ги препорачувате на учесниците? Што „не смеат“ да пропуштат?

Навистина е предизвик да се изберат неколку настани кои учесниците ‘не смеат’ да ги пропуштат за време на ГНП, особено ако се земе во предвид дека се случуваат 14 настани во период од само 6 денови. Зависно од конкретниот интерес и можноста за посета на настаните од отворен карактер, за младите кои се заинтересирани за корпоративни иновации и теми од овој сектор, интересни настани се Betapitch 2019, натпреварот на стартапи каде свое излагање за новите технологии ќе има директор на Телеком Иновациските Лаборатории од Берлин во среда од 17 часот, во просториите на „Иннофеит“; како и дискусијата за корпоративни и социјални иновации на Универзитетот Американ Колеџ Скопје во вторник од 9 часот наутро. Поконкретно од областа на социјалното претприемништво, интересен е настанот кој го организира Иванов Школата за Лидери алумни асоцијацијата во понеделник од 17 часот, во Граѓанскиот ресурсен центар. Многу битен настан за развојот на целокупниот екосистем е настанот на Асоцијацијата Стартап Македонија кој ќе се одржи во четврток од 16 часот и ќе поврзе неколку од најистакнатите лидери во екосистемот во останатите Балкански држави.

За оние кои се во можност да посетат настани во други градови, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во соработка со „Х Фактор“ Акцелераторот од Велес организира дискусија на тема „И стартап е опција„ во вторник од 11 часот во салата на Правниот Факултет при УГД; Универзитетот ЈИЕ и Технолошкиот Парк Тетово организираат предавање и презентација на компании на кампусот во Тетово, во среда од 11 часот; ЦЕФЕ Македонија организира дводневен Форум за наследници на семејни бизниси на 21-ви и 22-ри во Хотел Милениум во Битола и Синапсис Ворлд во Дебар организира дебата со претприемачи од Дебарскиот регион во сабота од 11 часот.

Доколку пак, постои интерес за посета на помалку формален настан чија главна цел е вмрежување и размена на искуства, тогаш интересни настани се „Start Up Motivation & Business 2 Business„ во петок од 16 часот во организација на Co&Work Hub Скопје во самиот хаб, како и „Entrepreneurship – Behind the scenes”, исто во петок од 18 часот во организација на Младински Образовен Форум во Јавна соба.

Ивана Смилевска