Симболичен штрајк на текстилните работнички во Штип, за нивните права протестираа мантилите

За работничките во конфекциите во Штип нема празник. Иако е неработен ден, по повод државниот празник 8 Декември, Денот на Св. Климент Охридски, тие и денес беа на своите работни места.

Ова го поттикна штипското здружение „Гласно“ да организира симболичен штрајк, на кој, во името на работниците, протестираат нивните мантили.

Со транспаренти на кои беа испишани пораките „Празници со семејството“, „Сабота е неработен ден, не и за работници“, работничките мантили побараа бришење на член 2 од Законот за минимална плата во текстилната и кожарската индустрија, која во овој сектор изнесува 9 000 денари, а во сите останати 10 080.

Протестот, како што велат од здружението, е обид да се крене гласот против условите во кои работат конфекциските работнички, но и да се истакне потребата од прв надворешен граѓански Синдикат за работниците и воден од работниците ,а не како досега, преставувани од работодавците.

Иницијативата е дел од кампањата „Мрдни со прст“ која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.